Министерството за труд на САД во средата наутро објави пониска од очекуваната годишна стапка на инфлација од 2,8% за февруари. Тоа беше добра вест за американската економија.
Воедно, тоа беше и светла точка во период кога беа забележани превирања на берзите како последица од трговската војна и неизвесноста со тековните напори на администрацијата да ја намали федералната работна сила.
Економистите предупредуваат дека позитивните вести за инфлацијата сепак може да бидат само привремен одмор.

Влез во зградата на Њујоршката берза (NYSE), 11 март, 2025
Од почетокот на март, претседателот Доналд Трамп воведе дополнителни царини од 10 отсто за кинеските стоки, царини до 25 отсто за многу стоки увезени од Мексико и Канада, како и 25 отсто царински давачки за челик и алуминиум. Влијанието на тие потези не се одрази во бројките објавени во средата.
Исто така, не се одрази ниту ветувањето од Европската унија и од другите земји дека ќе воведат одмазднички тарифи за американските стоки, што би им отежнало на американските производители да ги продаваат своите производи надвор од домашниот пазар.
Моравме да го направиме ова, другите земји ни го одзедоа бизнисот, ни ги одзедоа работните местаДоналд Трамп, претседател на САД
Трамп посочи дека може да дојде до краткорочни економски нарушувања, но инсистира на тоа дека сегашните потези ќе доведат до поголем просперитет од којшто корист ќе имаат сите Американци.
На појавувањето пред Бизнис тркалезната маса во Вашингтон во вторникот, тој инсистираше на тоа дека производствените фирми веќе бараат нови локации во САД за да можат да ги преместат операциите и да ги избегнат царините.
„Тие бараат места насекаде да се позиционираат... Не сакаат да платат 25 отсто“, рече претседателот.
На посебен настан во Белата куќа во вторникот, Трамп повторно даде оправдување за постапките со царините.
„Нашата земја мораше да го направи ова. Моравме да одиме и да го направиме ова. Другите земји ни го одзедоа бизнисот, ни ги одзедоа работните места“, истакна Трамп.
Берзански состојби, Њујоршка берза, 11 март, 2025
Мери Лавли, виш соработник во Институтот за меѓународна економија „Петерсон“, рече дека се следат насоките кон кои ќе се движи економијата во наредните месеци.
Администрацијата на Трамп покажа намери за намалување на регулативите во некои индустрии, што би можело да поттикне напредок во одредени економски сектори, како и намалувањето на цените.
„Ова е нешто за коешто многу компании велат дека ќе им ги надомести трошоците, но очигледно ќе биде селективно“, вели Лавли и додава дека сè уште не е јасно како тоа ќе влијае на пошироката економија.
За бизнисите е многу тешко да планираат, немаат поим што се случува и не можат да донесат разумна инвестициска одлукаДезмонд Лахман, American Enterprise Institute
Втор фактор ќе биде дали Конгресот ќе ги продолжи даночните намалувања донесени за време на првиот мандат на Трамп или ќе додаде дополнителни намалувања.
„Многу луѓе зборуваат за ‘даночните намалувања’, но всушност, повеќето од нив се продолженија“, вели Лавли и додава „тоа не е нов сок за економијата“.
„За корпорациите кои се обидуваат да донесат бизнис одлуки, околината не е сигурна“, изјави за Гласот на Америка Дезмонд Лахман, висок соработник на конзервативниот тинк-тенк American Enterprise Institute.
„Многу е загрижувачки ова што се случува, бидејќи тоа што го направи Трамп само внесе огромна количина на несигурност во креирањето на економската политика“, рече тој.
„Тоа најјасно го видовте со увозните царини “, рече Лахман. „Прво ја постави царината, па ја симна, па веќе во следната минута прави ослободување. Следниот ден објавува друга тарифа. Значи, за бизнисите е многу тешко да планираат. Тие едноставно немаат поим што се случува... и не можат да донесат разумна инвестициска одлука“, категоричен е Лахман.
Дневни активности на берзата во Њујорк, 7 март, 2025
Аналитичарот посочува дека дополнителна неизвесност создаваат и напорите на таканаречениот Оддел за владина ефикасност, предводен од најбогатиот човек на светот, Илон Маск, да се намали бројот на вработени во државната администрација.
Во средата, Европската унија и Канада објавија повеќе одмазднички царини кон американските производи. Давачките, кои ќе ги погодат мотоциклите „Харли-Дејвидсон“, бурбонот од Кентаки и разни земјоделски производи, беа одговор на глобалната царина од 25 отсто на Трамп за челик и алуминиум.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир во средата издаде бурна изјава во која ја обвини Европската унија за игнорирање на легитимните интереси на САД да има силни домашни сектори за производство на челик и алуминиум.
„Казнената акција на ЕУ целосно ги занемарува императивите за национална безбедност на Соединетите Држави - и навистина меѓународната безбедност - и е уште еден показател дека трговската и економската политика на ЕУ не е во чекор со реалноста“, истакна Грир.