Политиките на Унгарија за Русија и Кина се безбедносен ризик, кажа претседателката на ЕК

Претседателката ан ЕК Урсула фон дер Лајен држи говор во Европскиот парламент во Стразбур, Франција, 9 октомври, 2024

Унгарија ја загрозува европската безбедност, рече денес претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во говор кој ги критикуваше односите на Будимпешта со Русија и Кина.

Говорејќи на дебатата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Европскиот парламент во Стразбур, фон дер Лајен зборуваше за неподготвеноста на Будимпешта да им се придружи на партнерите од ЕУ во помагањето на Украина против руската инвазија и нејзините одлуки за зајакнување на врските со Москва и Пекинг.

„Светот е сведок на злосторствата на руската војна. А сепак, сè уште има некои кои за оваа војна го обвинуваат не напаѓачот, туку нападнатиот“, рече фон дер Лајен, германски политичар од десниот центар и поранешен министер за одбрана.

„Сè уште има некои кои за оваа војна не ја обвинуваат желбата за моќ на (рускиот претседател Владимир) Путин, туку жедта за слобода на Украина. Затоа сакам да ги прашам, дали некогаш ќе ги обвинат Унгарците за советската инвазија во 1956 година?“ рече таа.

Како одговор, Орбан рече дека е „изненаден“ од говорот на фон дер Лајен и отфрли каква било паралела помеѓу неуспешниот бунт на Унгарија во 1956 година против советското угнетување и борбата на Украина да ја одбрани својата територија.

Тој го повтори својот повик за прекин на огнот во Украина.

Орбан, кој е на власт од 2010 година и чија земја во моментов има шестмесечно ротирачко претседавање со ЕУ, постојано се судира со европските институции поради загриженоста дека ги поткопува демократските норми во Унгарија и дека одржува блиски односи со Русија и Кина надвор од политиката на ЕУ.

Во јули, Орбан предизвика контроверзии кога патуваше на, како што ја опиша унгарската влада, „мировна мисија“ во Москва и Пекинг за време на унгарското претседателство без да се координира со нејзините партнери од ЕУ.

Фон дер Лајен ја критикуваше унгарската програма за олеснување на визните ограничувања за Русите и Белорусите, како и договорот меѓу Будимпешта и Пекинг кој им дозволува на кинеските полицајци да патролираат во Унгарија, заедно со нивните унгарски колеги.

„Како може унгарската влада да поканува руски државјани во нашата Унија без дополнителни безбедносни проверки? Ова ја прави новата унгарска визна шема безбедносен ризик не само за Унгарија, туку и за сите земји-членки“, рече таа.

„Како може унгарската влада да дозволи кинеската полиција да дејствува на нејзината територија? Ова не го брани суверенитетот на Европа, ова е задна врата за странско мешање“, додаде фон дер Лајен.

Таа, исто така, укажа на континуираното потпирање на Унгарија на руската енергија, откако многу земји во 27-члената ЕУ ја намалија нивната зависност како одговор на руската инвазија.

„Една земја-членка само бараше алтернативни начини за купување фосилни горива од Русија. Русија постојано докажа дека едноставно не е доверлив снабдувач. Не може да има повеќе изговори. Кој сака европска енергетска безбедност пред сè, мора да придонесе за тоа “, рече таа.