Во текот на кариерата сум се соочила со многубројни закани на интернет, навреди, клевети, објавување на приватни фотографии, укажува Мери Јордановска, заменик-главна уредничка во новинската агенција „Мета“.
Закани, навреди, измами, нарушување на приватноста, пробив на лични податоци. Тоа се дел од бројните појави во глобалниот онлајн простор, каде интернет слободата често се претвора и во интернет насилство.
„Како и насекаде во ЕУ и пошироко, постои говор на омраза, дискриминаторска политика, протекување на личните податоци поради кибер напади, злонамерна употреба на вештачката интелигенција, како и пораст на дезинформациите и на штетните информативни наративи“, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир на Конференција во Скопје посветена на интернет слободите
Гир додава дека во земјите од Западен Балкан недостасува системски пристап за заштита.
„Но, овде, на Западен Балкан, за жал, управувањето во интернет просторот не е доволно напреднато“, рече Гир.
Во голем број од случаите, главна цел во интернет насилството се медиумските работници.
„Денешната генерација новинари ќе претрпи многу повеќе онлајн вознемирување од кога било претходно. Тоа е новиот фронт“, вели Јета Џара, директорка на БИРН од Косово.
„Имаме брутални напади на интернет, дали затоа што сте жена, дали затоа што сте новинарка, дали затоа што имате некаков став со којшто некој не се согласува“, посочува Ана Петрушева, директорка на БИРН Македонија.
Според анализите на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), нападите најчесто се насочени кон жените во новинарството.
„Жените отсекогаш биле полесна мета. Тоа (интернет насилството) е само новата алатка за напад врз жените и особено врз жените кои се гласни“, вели Аида Махмутовиќ, проект-менаџерка за дигитални права во БИРН.
„Не се споменува дека нешто не е точно, дека нешто погрешиле при нивната работа. Туку, напротив, се напаѓа нивниот личен интегритет, односно изгледот, статус, дали е мажена, има ли деца, дали е дебела или слаба“, вели Јордановска од „Мета“.
„Жените систематски се вознемируваат, ако работат квалитетно“, укажува Џара, директорката на БИРН Косово.
Истражувањата на БИРН покажале дека онлајн просторот низ Балканот е обременет и со дезинформации.
„За жал, се покажало луѓето кај нас мошне лесно веруваат во некои теории на заговор, околу многу прашања, како домашни, така и светски. Од климатски промени, до геополитички случувања во светот. Како и теми поврзани со вакцинација, производство на храна, технологии и слично“, посочува Гоце Трпковски, новинар и одговорно лице за мониторинг во БИРН за прекршувањата на дигиталните права во интернет просторот.
Медиумските работници стравуваат и дека вештачката интелигенција дополнително ќе го зголеми интернет насилството.
„Сега веќе имаме некакви дипфејк, манипулативни видеа, аудио, фотографии во коишто е многу тешко да препознаете што е вистина, а што не“, вели Петрушева.
„Да излезе видео на коешто си претставен како да си ти, а всушност не си ти“, вели Јордановска.
Стравувањата се дека овие појави водат и кон нарушување на личната безбедност.
„Нормално е дека во една таква атмосфера во која ‘медиумите’ се тие што се дел од заговорот, онлајн безбедноста на новинарите не може да биде завидно ниво“, вели Трпковски од БИРН.
„Не ме препознаваа по моите текстови, по мојата работа. Туку, по тоа што некој друг пишувал лаги за мене“, вели Јордановска.
Самоцензурата е една од последиците.
„Ако ги изгубиме тие храбри жени и мажи новинари, поради онлајн заканите, кои не се само онлајн, туку се е и физички реални, тогаш новинарството навистина ќе трпи“, укажува Махмутовиќ од БиХ.
Регулација, здружување, правни механизми, јавно прозивање на одговорните. Тоа се дел од решенијата што медиумските работници и истражувачи ги предлагаат.