Нема договор за жито додека Западот не ги исполни барањата на Русија, рече Путин

  • VOA

Верувам дека ќе постигнеме решение што ќе ги исполни очекувањата за кратко време, им рече Ердоган на новинарите заедно со Путин, по разговорите на лидерите во Сочи

Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека договорот за жито во Црното Море, постигнат со посредство на Обединетите нации (ОН), кој ѝ овозможи на Украина безбедно да извезува жито преку коридорот на Црното Море, нема да биде обновен додека Западот не ги почитува условите на Москва за сопствениот земјоделски извоз.
За време на состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во руското одморалиште Сочи, Путин остана на ставот дека доколку не се укинат ограничувањата за превозот и осигурувањето што ја попречуваат руската трговија со земјоделски производи, Русија нема да го врати договорот.
Русија се повлече од Црноморскиот договор за жито во јули, жалејќи се дека паралелниот договор кој ветуваше отстранување на пречките за рускиот извоз на храна и ѓубрива не се реализирал.
Путин ги повтори тие жалби денес, додавајќи дека доколку условите на Москва бидат исполнети, Русија би можела да се врати на договорот „во рок од неколку дена“.
Неговите изјави ги уништија надежите дека неговите разговори со Ердоган би можеле да го оживеат договорот, кој се смета за витален за глобалните резерви на храна, особено во Африка, Блискиот Исток и Азија.
Сепак, Ердоган рече дека сè уште се надева оти наскоро би можел да дојде до напредок.
Тој рече дека Турција и ОН составиле нов пакет предлози за деблокирање на ова прашање.
„Верувам дека ќе постигнеме решение што ќе ги исполни очекувањата за кратко време“, им рече Ердоган на новинарите заедно со Путин, по разговорите на лидерите во Сочи.
Турскиот претседател, исто така, рече дека Украина треба да ја омекне својата преговарачка позиција против Русија во разговорите за заживување на договорот за извоз на жито.
„Украина треба особено да ги ублажи своите пристапи за да може да се преземат заеднички чекори со Русија“, рече Ердоган.
Тој рече дека треба да се испрати повеќе жито во Африка, а не во европските земји.
Средбата во Сочи дојде по разговорите на министрите за надворешни работи на Русија и Турција минатата недела, по што рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека ѝ дал на Турција список со руски барања за рестартирање на иницијативата за црноморско жито.
Некои информации се од АП, Франс-прес и Ројтерс