Не веруваме дека она што се случува во Газа е геноцид, рече Саливан

Светот треба да го повика Хамас да се врати на преговарачката маса и да прифати договор, рече aмериканскиот советник за национална безбедност

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан денес изјави дека администрацијата на претседателот Џо Бајден не ги смета убиствата на Палестинците во Газа од страна на Израел во неговата војна со Хамас за геноцид.

Саливан рече дека САД сакаат да го видат Хамас поразен.

Тој, исто така, рече дека Палестинците зафатени среде војната се во „пекол“ и дека голема воена операција на Израел во Рафа би била грешка.

„Не веруваме дека она што се случува во Газа е геноцид. Ние цврсто го отфрливме таа пропозиција“, им рече Саливан на новинарите во Белата куќа.

Саливан изрази загриженост за извештаите за израелски доселеници кои нападнале конвој со хуманитарна помош на пат кон преминот Ерез во северниот дел на Газа, втор ваков инцидент за помалку од една недела.

„Тоа е целосно и крајно неприфатливо однесување“.

Бајден, кој се кандидира за реизбор оваа година, се соочи со тешки критики од своите поддржувачи за неговата поддршка на Израел.

Некои од тие критичари го обвинија Израел за геноцид.

Според здравствените власти на Газа, починале повеќе од 35.000 Палестинци.

Бајден се обиде да влијае на пристапот на премиерот Бенјамин Нетанјаху кон војната, но Израел е суверена, демократска нација која на крајот носи свои одлуки, рече Саливан.

„Премиерот не мора да одговара пред нас. Тој треба да одговара пред израелскиот народ“.

Повторувајќи го коментарот на Бајден во саботата, Саливан рече дека сега може да има прекин на огнот во Газа доколку Хамас ги ослободи заложниците.

Светот треба да го повика Хамас да се врати на преговарачката маса и да прифати договор, рече тој.

САД работат за итен прекин на огнот и договор за ослободување заложници, кажа Саливан, додавајќи дека не може да предвиди кога и дали ќе биде склучен таков договор.