Научници развија мобилен печатач за лепенки против ковид-19

Уредот печати лепенки широки два сантиметра од кои секоја содржи стотици ситни игли кои даваат вакцина кога ќе се притиснат на кожата

Научници денес рекоа дека го развиле првиот мобилен печатач кој може да произведе лепенки со големина на сликичка способни да испорачуваат мРНА вакцини за ковид-19, надевајќи се дека тоа ќе помогне да се имунизираат луѓето во оддалечените региони.

Иако остануваат многу пречки и години додека 3Д печатачот да стане достапен, експертите го поздравија „возбудливото“ откритие.

Уредот печати лепенки широки два сантиметра од кои секоја содржи стотици ситни игли кои даваат вакцина кога ќе се притиснат на кожата.

Овие „лепенки со микроигли“ нудат низа предности во однос на традиционалните вкацини, вклучително и тоа што тие можат да се администрираат самостојно, се релативно безболни, и би можеле да бидат попривлечни за оние кои се колебаат за вакцината. Тие, исто така, ќе може да се чуваат на собна температура долги периоди.

Популарните вакцини на „Фајзер“ и „Модерна“ треба да се чуваат во фрижидер, што предизвика компликации при дистрибуцијата, особено во земјите во развој кои ја осудија нееднаквата распределба на дозите за време на пандемијата.

Според студијата во списанието Nature Biotechnology, новиот печатач е тестиран со „Фајзер“ и „Модерна“, но целта на меѓународниот тим истражувачи зад него е тој да се прилагоди на какви било вакцини што се потребни.

Роберт Лангер, коосновач на „Модерна“ и еден од авторите на студијата, изјави за агенцијата Франс-прес дека се надева оти печатачот може да се користи за „следната ковид или каква друга криза што ќе се појави“.

Ана Јакленец, автор на студијата, исто така од Технолошкиот институт во Масачусетс, рече дека печатачот може да биде испратен во области како што се бегалски кампови или оддалечени села за „брза имунизација на локалното население“, во случај на нова појава на болест како ебола.

Вакцините со микроигли веќе се во развој за ковид-19 и низа други болести, вклучувајќи детска парализа, сипаници и рубеола.

Отпечатените лепенки моментално се тестираат на примати, кои доколку бидат успешни ќе доведат до испитувања на луѓе.

Извор: Агенција Франс-прес