Линкови за пристапност

Светот е под зголемен ризик од појава на нови пандемии, рече СЗО


Ниту една нација не може да се заштити од идни епидемии и пандемии без ангажман и соработка на сите нации, изјави шефот на Светската здравствена организација
Ниту една нација не може да се заштити од идни епидемии и пандемии без ангажман и соработка на сите нации, изјави шефот на Светската здравствена организација

Одбележувањето на Светскиот ден на здравјето се случува во сенка на коронавирусот кој заболе повеќе од 762 милиони луѓе ширум светот и уби повеќе од 6,8 милиони.

„Во изминатите три години, Светската здравствена организација го координираше глобалниот одговор на пандемијата на ковид-19, најтешката здравствена криза во еден век“, рече Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

„Поради сите овие причини и повеќе, на светот му треба СЗО сега повеќе од кога било“, рече тој.

Овогодинешниот Светски ден на здравјето се совпаѓа со 75-годишнината од основањето на СЗО, која произлезе по Втората светска војна за да создаде поздрав свет по најсмртоносната и најразорна војна во историјата на човештвото.

Тедрос забележува дека „просечниот животен век на глобално ниво, за двата пола, се зголемил од 46 на 73 години, со најголеми придобивки во најсиромашните земји“.

„Сипаница е искоренета, а детската парализа е на работ“, рече тој.

Сепак, остануваат многу предизвици, особено со појавата на нови болести и смртоносни патогени, вклучително и ебола, Марбург, САРС и ковид-19.

„Светот е под зголемен ризик од појава на нови пандемии“, рече Брус Ајлворд, виш советник на генералниот директор.

Минатиот месец, 194-те земји-членки на СЗО започнаа преговори за глобален договор за спречување и подготовка за идни пандемични итни случаи. Ајлворд рече дека е важно да се постигне договор што е можно побрзо.

Шефот на СЗО рече дека ја притиска Кина да сподели информации за потеклото на ковид-19 бидејќи „без целосен пристап до информациите што ги има Кина, не можете да го кажете ова или она“.

„Сите хипотези се на маса“, рече тој. „Тоа е ставот на СЗО и затоа баравме Кина да биде кооперативна за ова“.

Тедрос истакна дека земјите ќе продолжат да преговараат за договорот за пандемијата во текот на следната година како подготовка за Светското здравствено собрание во 2024 година, каде што ќе биде претставен на усвојување.

„Ниту една нација не може да се заштити од идни епидемии и пандемии без ангажман и соработка на сите нации“, додаде тој.

XS
SM
MD
LG