25 мртви во израелски напади во северниот дел на Газа, велат палестински лекари

  • VOA

Раселени Палестинци возат велосипеди натоварени со основни потреби во северниот дел на појасот Газа по евакуацијата на израелската Армија

Палестинските лекари денес соопштија дека во израелските воздушни напади загинале најмалку 25 лица во појасот Газа.

Медицинските лица рекоа дека нападите погодиле повеќекатница во северниот дел на Газа и дека повеќето од убиените се од исто семејство.

Последните напади се случија еден ден откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека има дополнителен простор за обезбедување договор со милитантната група Хамас за враќање на заложниците заробени во нападот на Хамас врз Израел во 2023 година.

Нетанјаху рече дека тоа е можно откако Хамас станал „поизолиран од кога било“ како резултат на воените дејства на Израел против сојузникот на Хамас Хезболах во Либан и соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад.

Хамас зароби околу 250 заложници за време на нападот во кој загинаа и 1.200 луѓе.

Околу 100 заложници се` уште се држат во Газа, а се верува дека најмалку една третина од нив се мртви.

Министерството за здравство во Газа денес соопшти дека во контраофанзивата на Израел во Газа загинале речиси 44.800 Палестинци.

Конфликтот Израел-Хамас предизвика прекугранични борби меѓу Израел и Хезболах, кои подоцна прераснаа во интензивни судири со израелски воздушни напади при што загинаа голем број лидери на Хезболах.

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах е во сила околу две недели.

Хамас и Хезболах се означени како терористички групи од САД, Обединетото Кралство и другите западни земји.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс - прес и Ројтерс