Во привремен затвор во Беликесир со времетраење од 40 дена оди Љупчо Палевски, главниот осомничен за убиствата на девојчето Вања Ѓорчевска и на пензионерот Панче Жежовски. Тоа е најновото известување што од Јавното обвинителство од Беликесир, Турција, го доставиле до македонското јавно обвинителство.
Во дописот стои дека неговото апсење е за кривично дело „Намерно убиство на дете“, а со цел да се овозможи негова екстрадиција во земјава.
Палевски беше уапсен на 5 декември во турскиот град Беликесир. Таму стигнал со помош на неговиот сопартиец Стефан Димковски, кој со свое возило го возел од Белград. Димковски исто така беше уапсен при враќањето во земјава.
Во притвор се уште четворица осомничени, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски.
Скопскиот обвинител Гаврил Бубевски неодамна изјави дека материјалните докази соодветствуваат со изјавите на осомничените за случувањата поврзани со грабнувањата и убиствата на Ѓорчевска и Жежовски.
SEE ALSO: Фросина Ременски: Групата на Палевски, неофицијално, имала списоци за изнуди и ликвидацииПензионерот Жежовски исчезна на 24 ноември. Неговото тело беше пронајдено во дупка во близина на Велес. Ученичката Вања била киднапирана утрото на 27 ноември, за само неколку часа подоцна и да биде убиена. Нејзиното тело беше пронајдено во близина на Скопје.