СКОПЈЕ – Каде Палевски и киднаперите го чуваат „ситроенот“ со кој ќе ја грабнат четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември и неколку часа подоцна ќе ја ликвидираат, дали е најдено оружјето со кое се убиени таа и Жежовски и дали за ликвидацијата е користено истото оружје остануваат отворени а јавноста најверојатно ќе мора да се воздржи и да причека на одговори се до почетокот на судскиот процес.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави дека сите одговори сега треба да се бараат од Јавното Обвинителство кое ја води истрагата но и одговорите на отворените прашања може да ја компромитираат истрагата.
„Со поднесувањето на кривичните пријави целосната истрага оди во Основното јавно Обвинителство. Сите овие детали се разгледуваат во Основното јавно Обвинителство на основа на прибраните податоци или податоците кои ќе ги прибере Јавното Обвинителството. Не би можел да споделувам повеќе информации и тоа не е добро за истрагата бидејќи не може да ја водиме во медиумите, таа треба да се води во Јавното Обвинителство“, изјави министерот Спасовски.
МВР потврди дека по апсењето на осомничените откриени и запленети се две парчиња огнено оружје, без да прецизира дали станува збор за пиштоли или друг тип на оружје, но не и дали некое од нив е користено за ликвидација на Ѓорчевска и Жежовски.
„Сите тие информации како и вештачењето ќе бидат доставени до јавното обвинителство во моментот кога ќе бидат завршени “, рече Спасовски.
Од Јавното обвинителство, се уште нема потврда дека е доставен комплетниот обдукциски наод кој треба да даде одговори на многу прашања како причина и време на смртта и дали има траги на насилство на телата на жртвите.
Од правда пак соопштија дека засега нема никаква повратна информација од турските колеги и повторија дека сите потребни документи, преведени на турски јазик, со посредство на МНР се испратени.
ВМРО – ДПМНЕ и денеска го обвинија министерот Спасовски дека не ја говорел вистината околу информациите поврзани со датата кога е почната потрага по возилото на убиениот Жежовски и дали кога и на која дата „ситроенот“ е регистриран на камерите на системот „Безбеден град“.
„Оливер Спасовски ја излажа македонската јавност за два клучни моменти. Прво, дека возилото на убиениот Панче со кое е извршено киднапирањето на Вања не било барано затоа што не знаеле дека и тоа е исчезнато. Ова е лага затоа што возилото е пријавено во СВР Велес како исчезнато, за што постои и официјален запис во МВР. И второ дека возилото за прв пат го наоѓаат на камерите на "Безбеден град" на 27 ноември, односно на денот на убиството на Вања. Како што веќе прашавме, а Спасовски одбива да одговори дали е точно дека возилото е регистрирано на системот "Безбеден Град" на 24 ноември во 6:30 и 25 во 21:15 кај Маџари, денеска ќе потврдиме дека возилото е регистрирано на системот "Безбеден Град" во наведените термини и локација“, изјави Ковачки.
Претседателот Стево Пендаровски предупреди дека радикални структури и екстремистички кругови во државата го користат двојното убиство за да ги пласираат своите политички убедувања кај населението но и да шират говор на омраза.
„За жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок. Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации“, рече претседателот Пендаровски.
Во истражниот затвор во Шуто Оризари остануваат осомничените Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски ќе се товара за соизвршителство при грабнување и две дела убиство а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, се товари за помагање при извршување на грабнување на малолетно лице.