Израел врши воени злосторства и етничко чистење, обвинува „Хјуман рајтс воч“

  • VOA

Палестинци тагуваат за роднини убиени во израелски воздушен напад во северниот дел на појасот Газа, на 29 октомври 2024 година, среде тековната војна на палестинската територија меѓу Израел и Хамас

Како што продолжуваат борбите во Газа и Либан денес, „Хјуман рајтс воч“ објави извештај во кој го обвинува Израел за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Во извештајот се вели дека израелските официјални лица кои постојано раселувале и преместувале цивили „вршат воено злосторство на насилен трансфер“, а акциите „се чини дека ја исполнуваат и дефиницијата за етничко чистење“ во областите каде што Палестинците нема да можат да се вратат.

„Хјуман рајтс воч откри дека присилното раселување е широко распространето, а доказите покажуваат дека тоа било систематско и дел од државната политика. Таквите дела, исто така, претставуваат злосторства против човештвото“, се вели во извештајот.

Засега нема коментар од израелската војска или Министерството за надворешни работи, но израелските власти претходно соопштија дека нивните воени акции се во согласност со меѓународните закони.

Законот за вооружени конфликти забранува присилно раселување на цивилното население од окупираната територија, освен ако не е неопходно поради безбедноста на цивилите или императивни воени причини.

Израел рече дека раселувањето е неопходно за да се заштитат цивилите од борби или за да се постигнат воени цели.

„Израел отворено ја прекрши својата обврска да обезбеди Палестинците да можат да се вратат дома, уништувајќи практично сè во големи области“, рече Надија Хардман од „Хјуман рајтс воч“.

Хардман истакна дека наодите во извештајот се засноваат на интервјуа со раселените жители на Газа, сателитски снимки и јавно известување спроведено до август 2024 година.

Војната во Газа започна кога милитантите предводени од Хамас упаднаа во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапирајќи околу 250.

Околу 100 заложници се` уште се во Газа, иако околу една третина од нив се се верува дека се мртви.

Според локалните здравствени власти, во израелската контраофанзива загинале повеќе од 43.000 Палестинци, повеќе од половина од нив жени и деца.

Израелската војска соопшти дека во бројот на загинатите има илјадници милитанти на Хамас.

Војната се прошири во Либан во средината на септември, по неколкумесечни ракетни истрели од Хезболах кон Израел и ескалираа со беспилотни летала и воздушни напади на израелската војска во јужен Либан.

Повеќе од 3.200 Либанци се убиени, повеќето од нив во изминатите шест недели.

И Хамас и Хезболах се означени како терористички организации од страна на САД.

Во овој извештај се користени информации од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес