Ирска крв беше дадена за независноста на мојата земја, рече Бајден

Американскиот претседател се потсети на своето ирско наследство и се фокусираше на трајната сила на врската со Ирска која започна со самото основање на САД

Американскиот претседател Џо Бајден денес ја продолжи посетата на Република Ирска, каде што ќе го затвори своето патување со говор во Балина, домот на неговите предци по татко на западниот брег на Ирска.

Претседателот заминува за САД рано утре..

Вчера тој се обрати во ирскиот Парламент, со што стана четвртиот американски лидер по Џон Ф. Кенеди, Роналд Реган и Бил Клинтон, кој се обратил на заедничка седница на парламентот на оваа држава.

Бајден се потсети на своето ирско наследство и се фокусираше на трајната сила на врската со Ирска која започна со самото основање на САД.

„Ирските срца кои помогнаа да се запали факелот на слободата во мојата земја и да се запали нејзиниот револуционерен духц. Ирската крв од целиот овој остров беше доброволно дадена за независноста на мојата земја“, рече тој.

Истакнувајќи ја поддршката на Ирска во одбраната на Украина од руската агресија, тој истакна како земјата гордо стои со САД и партнерите ширум светот.

„Ирска следи независен курс во надворешната политика, но не е неутрална меѓу слободата и тиранијата и никогаш нема да биде“, рече Бајден, цитирајќи го обраќањето на Кенеди во ирскиот парламент во 1963 година.

Земјата, дел од Европската Унија, но не и членка на НАТО, е воено неутрална, но дава хуманитарна поддршка на Украина, пречекувајќи речиси 80.000 украински бегалци по руската инвазија.

Бајден доби повеќекратен аплауз од пратениците.

„Докажавте непоколеблива вера, длабока издржливост и способност да ги зближите луѓето со различни и често спротивставени ставови“, рече Шон О Фергејл, спикер на Долниот дом, во својот поздравен говор.