Синот на американскиот претседател Џо Бајден, Хантер Бајден, ги тужи Руди Џулијани и поранешниот адвокат на Џулијани, Роберт Костело, обвинувајќи ги двајцата за кршење на неговата приватност поради податоците што наводно биле земени од неговиот лаптоп, покажаа судските документи поднесени денес.
Бајден во тужбата поднесена до федералниот суд во Лос Анџелес ги обвини Џулијани, кој служеше како личен адвокат на поранешниот претседател Доналд Трамп, и Костело дека се одговорни за „тотално уништување“ на неговата дигитална приватност.
Бајден (53), претходно тужеше поранешен помошник во Белата куќа, кој служеше под Трамп и американската служба за внатрешни приходи.
Републиканците се фокусираа на Хантер Бајден додека претседателот Џо Бајден, демократ, бара реизбор следната година.
Правната постапка беше поднесена додека Хантер Бајден се подготвува да се изјасни за невин по федералните обвиненија за оружје следната недела, откако претходниот договор за признавање вина со обвинителите пропадна.
Неговото судење во Делавер е прво кривично гонење на дете на актуелен претседател на САД и доаѓа во момент кога Џо Бајден би можел повторно да се соочи со Трамп, кој, пак, се соочува со четири претстојни кривични случаи во 2024 година.
Трамп и републиканците од Конгресот, без докази, одделно го обвинија демократскиот претседател дека профитирал додека бил потпретседател од 2009 до 2017 година од странските деловни потфати на неговиот син.
Белата куќа ги отфрли обвинувањата.
Костело одби веднаш да ја коментира тужбата.
Тед Гудман, советник на Џулијани, ги отфрли наводите на Бајден, велејќи во изјава: „Не сум изненаден што сега лажно тврди дека неговиот харддиск на лаптопот бил изманипулиран“.
„Иако прецизното време и начинот на кој обвинетите ги добиле податоците на тужителот остануваат непознати за тужителот, не постои спор дека обвинетите, барем до одреден степен, пристапиле, манипулирале, менувале, копирале и оштетиле податоците на тужителот и дека нивните дејствијата се незаконски, неовластени и без согласност на тужителот“, се вели во тужбата.
Хантер Бајден бара отштета и да му се вратат сите негови податоци што тие сè уште ги поседуваат, се вели во поднесокот.
Поднесокот додава на сè поголемите правни проблеми на Џулијани.
Костело и неговата адвокатска канцеларија претходно овој месец одделно го тужеа Џулијани за повеќе од 1,3 милиони долари неплатени правни такси.
Џулијани беше прогласен за одговорен минатиот месец за клевета на двајца изборни работници и одделно се изјасни за невин на почетокот на септември пред обвиненијата за субверзија на изборите во Џорџија.