„100 дена скандали, понижувања и неуспеси“, така опозицискиот „Европски фронт“ составен од албански партии предводен од ДУИ ги нарече првите 100 дена на владата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и „Знам“. Еден ден откако премиерот се пофали за, како што ги нарече, успесите на неговиот владин кабинет, критики дојода и од албанскиот опозициски блок, пред се за водење антиалбанска кампања, маргинализација на оваа заедница, поттикнување на етничка нетрпеливост, изолација на земјата. „Не сакаме со оваа власт, зашто не сме резревна гума“, реагираше Али Ахмети на изјавата на Христијан Мицкоски дека за ДУИ вратата за влез во владата е затворена.
Your browser doesn’t support HTML5
„Албанците не го заслужуваат ова понижување. Не сме заинтересирани да станеме дел од оваа влада, бидејќи не сме резервна гума. Не сме претставници на анархија и реваншизам, не постапуваме по инстинкт… Не е добра антиалбанската кампања кoja е одвратна, кога ќе ги слушнам изјавите `нека бегаат Албанците во Албанија, оти оваа земја е Македонија`... Кога се случуваат овие хистерии? Кога Европа е во војна, кога огнот на конфликтот е на Блискиот Исток и не е далеку од нас. Заедно ја правиме државата, заедно ја градиме и ја носиме во ЕУ, а не како што тие не траздвоија од пакетот со Албанија. На земјата и треба мир и стабилност, борба против корупцијата. Ајде да отвориме истрага за богатењето на политичарите. Не плеткајте се со албанските прашања, не допирајте го јазикот и знамето, не допирајте ги раните кои се затворени. ВЛЕН направи фатална грешка што влезе во оваа влада, но не знам што најде. Ја научија само реченицата - ДУИ е виновна“, рече Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Лидерите на останатите партии во Европскиот фронт сметаат дека планот на оваа влада е преку дестаблизација да се обиде да ги, како што рекоа, отстрани постигнувањата на Албанците од изминатиот период. Порачаа дека е време на Мицкоски да му се кажат црвените линии.
„Немаме цел власт и Влада, не сме хистерични за власта, тоа што ние ви велиме е - ние не доаѓаме на власт, вие дојдете кај нас, да го направиме Фронтот значаен и да му го покажеме местото на Христијан Мицкоски, покажувајќи му ги црвените линии за тоа како и колку има право да се справува со овој народ“, рече Зијадин Села, претседател на Алијанса за Албанците.
Другиот табор – „Вреди“ не е загрижен за изјавите од опозицискиот блок. Сметаат дека станува збор за едноставно „терање дневна политика“.
„Можам да ви гарантирам дека коалицијата е стабилна, владата е стабилна, имаме мнозинство во парламентот, затоа овие изјави се само за дефокусирање и за дневнополитички цели“, рече Саранда Имери, Коалиција „ВРЕДИ“.
Пораките кои денеска ги испорача Европскиот фронт се продолжение на претходните изјави дека оваа влада не води смета за меѓуетничките односи и дека со одредени чекори, како замрзнувањето на балансерот, сака да ја маргинализира албанската заедница. Од друга страна самиот премиер летово изјави дека има сознанија дека ДУИ ќе се обиде да ја дестаблизира земјата. И покрај меѓусебните јавни обвинувања, владината коалиција и Европскиот фронт покажаа дека имаат интерес да соработуваат зашто досега овој опозициски блок на два пати даде поддршка за носење закони за кои беше потребно двотретинско мнозинство.