Првите 100 дена од неговата влада биле задоволувачки за премиерот. Вели дека во овие нешто повеќе од три месеци министрите ги исполниле задачите без да навлезе во детали за тоа што тие сработеле.
Христијан Мицкоски за овие 100 дена кажа дека не биле лесни, дека биле полни со предизвици и дека, според него, владата покажала одлучност со нив да се справи.
Меѓу нив се и евроинтеграциите блокирани поради неспроведените уставни измени поради што и дојде одвојувањето на Албанија од земјава.
„Можам да кажам и да ја уверам македонската јавност за две работи – првата, да веруваат дека оваа влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, ниту на националните и стратешки определби, ниту една отстапка која ќе значи дополнително понижување на македонските граѓани, без разлика на етничката припадност. Никогаш како влада нема да отстапиме од реализација на нашата втора стратешка цел – полноправно членство во ЕУ. Ако треба ќе разговараме со кого било, колку било потребно за да дојдеме до договор и компромис кој е достоен. Мора да се навикнете на политичари кои работат за своите граѓани чесно и одговорно, без да ги понижуваат граѓаните. Фокусот на владата останува да биде ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите на земјите членки од ЕУ и дека тоа е начинот на тој пат, простете но јас не сум тој соговорник. Со мене може да се разговара со аргументи“, вели Мицкоски.
Дел од денешниот отчет премиерот потроши и на ситуацијата со владеењето на правото и борбата против корупцијата, еден од сегментите за кои претходното мнозинство доби критики од граѓаните и на што се должеше лошиот изборен резултат.
Мицкоски најави дека вистински реформи во судството и во обвинителството допрва ќе следат, но и дека ќе одговараат оние што се огрешиле.
„Борбата против корупцијата е една од најголемите забелешко која ја слушаме – критиките зошто не апсиме. Нити како човек, нити како професор, нити како политичар нема да дозволам од тоа да правам естрада, или да ги користам институциите и да манифестирам моќ, сила и реваншизам. Потребно е криминалот да бидат казнети, но има институции, закон и устав пред кои криминалците – бизнис, политички или други, треба да одговараат. Затоа, ве молам да бидете трпеливи, процесот е тежок зашто имаме партиски заробено обвинителство и судство, мислам на една мала група кои се партиски послушници“.
„100 дена влада – 100 дена изговори“ – реагираа од СДСМ.
Социјалдемократите излегоа со остри критики за потезите на владата на Мицкоски токму за начинот на кој планираше да го реформира правосудството и за чекорите кои ги повлече во делот на дипломатијата.
„Ветуваа распуштање на советите на обвинители и судии иако добро знаеја дека тоа не можат, но и не смеат да го направат. ВМРО-ДПМНЕ нема понудено реална идеја и концепт како планира да ги подобри состојбите во судството иако ветуваше многу. ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави сржавата на днотот на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат ниту право тоа да го прави“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
100 дена кои се сметаат за своевиден „меден месец“ на секоја нова влада завршија.
Сега, оваа коалиција, која има речиси двотретинско мнозинство во парламентот, е исправена пред сериозни предизвици со кои се соочува земјата како економијата, растечките цени на производите, враќање на довербата на граѓаните во институциите, градење независен судски и обвинителски систем, запирање на масовното иселување, вистинско справување со корупцијата и неказнивоста, изнаоѓање реален начин за продолжуѕвање на пристапните преговори со ЕУ.