СКОПЈЕ – Наследена банкротирана држава но реализирани или отпочнати стотина проекти и мерки и најава за намалување на даноците и нови странски инвестиции работни места беше фокусот на економскиот дел од експозето за првите 100 дена Влада на премиерот Христијан Мицкоски.
Тој кажа дека наследиле потрошен годишен буџет за само шест месеци и долгови од над 250 милиони евра но и покрај тоа успеале да ги стабилизираат финансиските текови и да почнат да ги затвараат буџетските дупки.
„ Првите 100 дена од изборот на новата Влада не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму. Но, најважно покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред на“, рече премиерот Мицкоски.
Како успех премиерот ги наведе линеарното зголемување на пензиите за 2.500 денари и мерката „есенска потрошувачка кошница“ како и проширување на позитивната листа со 87 лекови и одлука за вработување на 600 лекари односно нови специјализанти.
Четири странски инвестиции вреди 600 милиони евра и 1.600 нови вработувања беа дел од успесите кои ги наброја премиерот.
„Во наредните четири недели очекувајте одлука за дополнително намалување на даноците со што ќе станеме држава со најниски даноци во Европа. Очекувам дека првиот дел, односно првата половина од селото Арбиново до Охрид со мал дел кај Ботун, ќе биде пуштена до мај следната година, а тоа што го ветивме пред граѓаните дека автопатот до крајот на 2026 година целосно ќе биде пуштен, ќе се реализира“, кажа Мицкоски во експозето.
Од опозициската СДСМ соопштија дека Владата не го подобрила стандардот на граѓаните и застанала на страна на трговците. Претседателот на партијата, Венко Филипче, изјави дека владејачката партија не ги исполнила предизборните ветувања.
„За прв пат по седум години, платите почнаа да паѓаат и просечната плата падна за цели 1000 денари. Нема покачување на минимална плата на 450 евра која денес ќе беше реалност со СДСМ. Наставниците и просветните работници добија покачување од 0,7% наместо 12% кои ги планираше СДСМ. Велат ако и одело добро на економијата тогаш можеби ќе се качеле платите. Додека платите паѓаат и стандардот се намалува, Владата не обезбеди ниту заштита на граѓаните од високите цени и алчноста на трговците. Мерките се задоцнети и без ефект“, рече Филипче, и потенцираше дека ваквите политики на актуелната власт целосно ги деградираат работниците и нивните права, ја враќаат политиката на евтина работна сила.