Линкови за пристапност

Таравари по одлуката Албанија без Северна Македонија да продолжи кон ЕУ: Последици на претходната Влада


Арбен Таравари говори во интервју за Глас на Америка на македонски, во Вашингтон, САД, 28 септември 2024 година.
Арбен Таравари говори во интервју за Глас на Америка на македонски, во Вашингтон, САД, 28 септември 2024 година.

Албанија во последните две години серозно се бореше со криминалот, ние имавме Специјално јавно обвинителство, кое даваше некаква надеж и самите го уништивме, рече Таравари

Последици на претходната Влада. Вака Арбен Таравари, од коалицијата ВРЕДИ и Министер за здравство во Владата на Северна Македонија, во интервју за Гласот на Америка на македонски ја оценува одлуката на ЕУ за раздвојување на Албанија и Северна Македонија од европскиот процес.

Албанија направи многу реформи, на Македонија тоа и недостасува
Арбен Таравари, Коалиција ВРЕДИ

„Генерално мислам дека раздвојувањето не е убаво. Јас сум среќен што Албанија ги започна преговорите, и би сакал и ние заедно да ги започнавме, меѓутоа се надевам дека што поскоро и Македонија ќе ги започне преговорите. Ова се последици од минатата влада. Сите треба да бидеме свесни. Пред сѐ, знаете, Албанија направи многу реформи, на Македонија тоа и недостасува, за жал. И сега, како Влада, имаме шанса да направиме многу реформи. Исто така, Албанија во последните две години серозно се бореше со криминалот, ние имавме Специјално јавно обвинителство, кое даваше некаква надеж и самите го уништивме, така што пред нас е и борбата против криминалот, меѓутоа не го забораваме европскиот пат“.

Таравари со претставници на болници во Вашингтон разговарал за можни идни соработки. Се работи за медицина од далечина, односно за пациенти кои имаат заболувања кои не се толку чести во Северна Македонија, лекарите да комуницираат со нивни колеги од Вашингтон и да добијат второ мислење за одредени третмани. Таравари преговарал и за специјализанти да можат еден семестар или една година да го поминат во Вашингтон. Допрва ќе се проценува овој вид на евентуална соработка.

„Се надевам дека за консултациите за второ мислење ќе го регулираме по законите коишто се во САД и во нашата држава, а за специјализантите ќе разговараме дополнително да видиме кои се цените. Доколку ни одговараат и се прифатливи за нас, јас мислам дека вреди да пуштиме по неколку луѓе да доаѓаат и да ги видат искуствата во Вашингтон“, рече Таравари.

Тој во интервјуто рече дека Министерството за здравство ќе го провери случајот со 31-годишна родилка која почина во Куманово.

„Случајот треба да се преиспита и да се донесе заклучок. Доколку има лекарска грешка на докторот треба да одговара секој кој згрешил, доколку нема грешка, за жал, тоа се работи што се случуваат во болници.

Интервјуто е уредено заради јасност.

Глас на Америка: Албанија продолжува кон европскиот процес, но не и Северна Македонија. Европската комисија рече дека за земјата да напреднува треба да се исполнат критериумите, а тоа се уставни измени. Премиерот Мицкоски одговори, цитирам, Ако ова е условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш - `не благодарам`. Како ја оценувате одлуката за раздвојување на двете земји во европскиот процес, и што ќе преземете како коалиција во владата по ова прашање?

Таравари: Генерално мислам дека раздвојувањето не е убаво. Јас сум среќен што Албанија ги започна преговорите, и би сакал и ние заедно да ги започнавме, меѓутоа се надевам дека што поскоро и Македонија ќе ги започне преговорите. Ова се последици од минатата влада. Сите треба да бидеме свесни. Пред сѐ, знаете, Албанија направи многу реформи, на Македонија тоа и недостасува, за жал. И сега, како Влада, имаме шанса да направиме многу реформи. Исто така, Албанија во последните две години серозно се бореше со криминалот. Ние имавме Специјално јавно обвинителство, кое даваше некаква надеж и самите го уништивме, така што пред нас е и борбата против криминалот, меѓутоа не го забораваме европскиот пат. Ќе причекаме се надевам до 27 октомври кога и треба да се одржат избори во Бугарија, да се надеваме дека таму да има стабилна влада, како во Македонија. Бројот за изгласување на уставните измени го имаме, само што, нормално, на Македонија и треба некаква гаранција дека оваа ќе биде барем последно барање од Бугарија или од ЕУ. Патот на Македонија искрено беше многу макотрпен со секакви пречки и од соседите, се случи и од Франција. Се надевам дека уставните измени ќе се случат наскоро, а истовремено ќе добиеме некаква гаранција од државите коишто ние ги почитуваме и мислиме дека влијаат и можат да помогнат во интегрирањето на Македонија. Меѓутоа, исто така, мислам дека сите држави од Западен Балкан, без разлика кога ги започнале преговорите истовремено ќе биде членки на ЕУ.

Глас на Америка: Вашиот политички опонент Зијадин Села говори за предвремени парламентарни избори заедно со локалните... Халил Снопче најави дека ВРЕДИ ќе ја напушти владината коалиција ако се изгласа законот за бранители, подоцна се изјасни дека е политички став, а не закана... Дали е стабилна владината коалиција?

Таравари: Да, владината коалиција е стабилна.

Владината коалиција е стабилна, не е во „игра“
Арбен Таравари, Коалиција ВРЕДИ

Нормално, не е во игра, само 100 дена сме заедно, ни треба време за целата екипа да биде тотално синхронизирана. Барањето на Села е несериозно, пред три месеца имавме избори, така што веќе сѐ е јасно... и утре да има избори повторно резултатите ќе бидат исти, дури можеби и полошо за ДУИ. Јас не знам зошто господинот Села во последно време се обидува да биде поголем Али Ахмети од самиот Ахмети, така што тоа што го кажа господинот Снопче, стои. Меѓу коалиционите партнери во Владата треба да бидеме покоординирани, а и за тоа треба време. Со тек на времето нашите одлуки ќе бидат заеднички и ќе го направиме тоа што граѓаните го очекуваат од нас, а пред сѐ реформи и враќање на довербата во институциите на системот.

Глас на Америка: Каков е вашиот став во однос на руското влијание во Северна Македонија, и како ја оценувате средбата на коалициониот партнер во Владата Максим Димитриевски со рускиот амбасадор на која разговарале за изучување на рускиот јазик во училиштата во Куманово?

Таравари: Средбата на Максим Димитриевски и иста

Русија ќе биде присутна во Македонија доколку ги нема Америка и ЕУ
Арбен Таравари, Коалиција ВРЕДИ

како и со средбите на Али Ахмети со рускиот амбасадор. Господинот Ахмети јавно кажа дека неколку пати се среќавал со повеќе амбасадори на Русија, и тоа е лична негова работа. Јас мислам дека нашата Влада е проевропски ориентирана. Русија ќе биде присутна во Македонија доколку ги нема Америка и ЕУ. Јас мислам дека Америка е стратешки партнер на Македонија, и тоа несомнено, барем за 99% од партиите коишто постојат во Македонија, а ЕУ е цел на исто така 99% на партиите коишто постојат во Македонија со ретки исклучоци, така што се надевам дека ние ќе ја постигнеме целта и јас сум сигурен дека оваа Влада ќе не однесе таму каде што треба да одиме, а тоа е да бидеме во едно унитарно друштво, а тоа е ЕУ.

Глас на Америка: Во Вашингтон посетивте болници. Што разговаравте, дали ќе има некаков вид на соработка и како до подобрување на здравствените услуги во Северна Македонија?

Таравари: Во Вашингтон вчера имав средба во една болница, денеска во друга болница. Се работи за „медицина од далечина“. Често се случува повеќе пациенти да побараат второ мислење и тоа навистина чини за државата. Треба да платиме за пациентот да оди на второ мислење во Љубљана, Австрија, Турција, Германија... сега по оваа метода „телемедицина“ можеме со еминентни болници, каде што работат фантастични стручњаци – добро познати во светот – можеме за одредена болест којашто проблематична, поретка во нашата држава, да не ги упатуваме пациентите, туку резултатите да ги преведеме и подготвиме и нашите доктори да бидат во координација со докторите во овие болници и да земат второ мислење. Дали да се продолжи со актуелен третман или пациентот да го испратиме во околни држави каде што ќе може да добие третман. Исто така, зборувавме и за можноста евентуално специјализанти од нашата држава по еден семестар или една година да поминат во болниците во Вашингтон. Вчера имавме претставник од нашата амбасада, којашто ќе ја ангажираме и ќе ни помогне понатаму за да видиме како би се одвивала таа соработка. Се надевам дека за консултациите за второ мислење ќе го регулираме по законите коишто се во САД и во нашата држава, а за специјализантите ќе разговараме дополнително да видиме кои се цените. Доколку ни одговараат и се прифатливи за нас, јас мислам дека вреди да пуштиме по неколку луѓе да доаѓаат и да ги видат искуствата во Вашингтон.

Глас на Америка: Почина 31-годишна родилка во болницата во Куманово, бебето е живо. Се истражува дали има лекарска грешка. Што ќе преземе министерството и како до спречување на вакви случаи?

Таравари: Очекувам да добијам информации од Министерството за здравство, што точно се случило. Ќе провериме, и секако дека министерството ќе преземе одредени чекори ако има лекарска грешка. Доколку нема лекарска грешка, и во поголеми и познати центри, за жал, може да се случат вакви случаи, така што случајот треба да се преиспита и да се донесе заклучок. Доколку има лекарска грешка на докторот, треба да одговара секој кој згрешил, доколку нема грешка, за жал, тоа се работи што се случуваат во болници.

XS
SM
MD
LG