Денес прелиминарни избори во 15 сојузни држави на САД

Супервторник e денот во прелиминарниот циклус на претседателските избори во САД кога гласаат најмногу сојузни држави

Супервторник би можел да биде последната шанса за поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации (ОН) Ники Хејли да го запре обидот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да ја добие републиканската претседателска номинација во 2024 година.

Петнаесет сојузни држави ги одржуваат изборите за номинација на партијата на 5 март, најголемиот ден на прелиминарните избори, кога повеќе од една третина од делегатите ќе бидат доделени на јулската Републиканска национална конвенција во Милвоки.

Претседателот Џо Бајден е кандидат за номинација на демократите кога партиските лојалисти гласаат за делегати на Демократската национална конвенција во август во Чикаго.

Супервторник го опишува денот во прелиминарниот циклус на претседателските избори во САД кога гласаат најмногу сојузни држави. Се одржува на 5 март годинава.

Во републиканскиот натпревар, 865 од 2.429 делегати ќе бидат избрани, вклучително и од двете најнаселени држави, Калифорнија и Тексас.

Потребни се најмалку 1.215 делегати за да се добие номинацијата на Републиканската национална конвенција во јули.

За една третина од делегатите на Демократската партија, исто така, ќе се одлучува на 5 март, а натпреварите за номинација ќе се одржат во 14 од тие 15 сојузни држави, плус Американска Самоа.

Во Алјаска демократите гласаат на 6 април.

Со толку многу сојузни држави и територија што гласа во различни временски зони, може да потрае некое време за да бидат јасни целосните резултати.

Во Калифорнија, гласачките ливчиња по пошта се валидни се` додека се залепени со поштенски печат на или пред денот на прелиминарните избори и добиени до 12 март.

Покрај тоа, некои сојузни држави одржуваат „отворени прелиминарни избори“ кои им овозможуваат на регистрираните гласачи да изберат дали ќе го дадат својот глас на прелиминарните избори на Демократската или Републиканската партија, додавајќи можен слој на непредвидливост.

Хејли нема јасен пат да го победи Трамп. Ова може да биде нејзината последна шанса барем да го забави патот на поранешниот претседател до номинацијата.

Анкетите покажуваат дека Трамп е огромен фаворит во Калифорнија и Тексас, како и во држави како Алабама, Мејн и Минесота.

Неговата кампања предвидува дека ќе освои најмалку 773 делегати на Супервторник и ќе ја добие номинацијата една или две недели подоцна.

Трамп постигна големи победи во речиси сите натпревари за номинација на републиканците досега, вклучително и во Ајова, Њу Хемпшир, Невада, Јужна Каролина, Мичиген, Ајдахо и Мисури.

Сепак, Хејли триумфираше во главниот град Вашингтон, давајќи мал симболичен поттик за нејзината кампања.

Трамп постојано ја повикува Хејли да се откаже, за да организира реванш на изборите во 2020 година против Бајден, кој, според анкетите, нема поддршка кај многу Американци.

Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина, која беше амбасадорка во ОН за време на Трамп, вети дека ќе остане во трката.

Таа ја прошета Америка со агресивен распоред на патувања до Супервторник, а нејзината кампања формираше лидерски тим во Џорџија, каде гласачите излегуваат на гласање на 12 март, една недела по Супервторник.

Таа по поразот во Јужна Каролина на 24 февруари рече дека гласачите „имаат право на вистински избор, а не на избори во советски стил со само еден кандидат“.

„Имам должност да им го дадам тој избор“, рече таа.

Резултатите од Супервторник во Северна Каролина ќе бидат внимателно следени за знаци на силата на секој кандидат.

Трамп ја освои оваа сојузна држава во 2020 година за нешто повеќе од еден процентен поен.

Северна Каролина ќе додели 74 делегати на Супервторник.

Државата им дозволува на гласачите кои не се поврзани со некоја партија да учествуваат на какви било прелиминарни избори, што би можело да го зголеми настапот на Хејли, со оглед на нејзината релативна сила со независни гласачи во споредба со Трамп.