Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес изјави дека САД не биле вмешани во атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Ханијех и ја повтори важноста од прекин на огнот во Газа.
„Ова е нешто за кое не бевме свесни или вклучени. Многу е тешко да се шпекулира“, рече Блинкен во интервју за Channel News Asia за време на посетата на Сингапур.
Иранската револуционерна гарда ја потврди смртта на Ханијех, неколку часа откако тој присуствуваше на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на земјата.
Ханијех, кој ја предводеше палестинската милитантна група и вообичаено е со седиште во Катар, беше лицето на меѓународната дипломатија на Хамас, додека во Газа беснее војната што започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
„Научив во текот на многу години никогаш да не шпекулирам за влијанието што еден настан може да го има врз нешто друго“, рече Блинкен на прашањето какво влијание може да има смртта на Ханијех врз војната.
Атентатот, помалку од 24 часа откако Израел тврдеше дека убил командант на Хезболах, за кој рече дека стои зад смртоносниот напад во Голанската висорамнина окупирана од Израел, може да биде голем неуспех за шансите за договор за прекин на огнот во 10-месечната војна.
Блинкен, кој е во Азија од крајот на минатата недела, рече дека прекинот на огнот и ослободувањето на заложниците што се држат во Газа е од клучно значење и дека САД ќе направат се` за тоа да се случи.
„Од суштинско значење е да се надеваме дека работите ќе се стават на подобар пат за потраен мир и потрајна безбедност, така што тој фокус останува“.