Линкови за пристапност

Израелски напад во Бејрут – цел на нападот бил командант на милитантна група Хезболах


Оваа зграда била погодена од израелски воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 30 јули 2024 година.
Оваа зграда била погодена од израелски воздушен напад во јужните предградија на Бејрут, Либан, 30 јули 2024 година.

Две лица загинале при израелскиот воздушен напад во Бејрут, но не е познато дали тоа е целта на нападот

Израелската војска доцна во вторникот соопшти дека извршила напад во Бејрут чија цел била командантот на Хезболах за кој тврди дека е одговорен за воздушниот напад во кој загинаа 12 деца и тинејџери кои играле на фудбалско игралиште во текот на викендот на Голанската висорамнина.

Можеше да се слушне силна експлозија и да се види облак чад како се издига над јужните предградија на Бејрут, упориште на милитантите на Хезболах финансирани од Иран. Официјален претставник на Хезболах рече дека неколку згради се оштетени, а властите соопштија дека две лица се убиени.

Медиумите на Блискиот исток го идентификуваа командантот на Хезболах како Фуад Шукр, но неговата судбина не беше дефинитивно позната.

Саудискиот информативен извор Ал-Хадат објави дека Шукр преживеал. Но, израелскиот сајт „ynet“ цитира израелски безбедносен извор кој рекол: „Постои голема веројатност дека функционерот на Хезболах бил елиминиран. Ако бил во зградата - тој повеќе не е меѓу нас“.

Се веруваше дека Шукр е воен советник на лидерот на Хезболах Хасан Насрала и долго време бил активен во терористичката организација, како што САД ја назначи. Тој бил шеф на оперативната соба на милитантната група.

САД го санкционираа во 2015 година и тој беше баран од САД за неговата наводна улога во бомбардирањето на касарната на американските маринци во Бејрут во 1983 година.

За службеникот на Хезболах, на интернет сајтот на Награди за правда (Rewards for Justice), програма за за национална безбедност на Стејт департментот преку која се обидува да пронајдат барани терористи, се нуди награда до 5 милиони долари за информации за Фуад Шукур.

Либанската државна новинска агенција соопшти дека израелскиот напад бил насочен кон областа во близина на Советот на Хезболах Шура во населбата Харет Хреик во главниот град.

Израел и САД го обвинија Хезболах за нападот во саботата врз село Мајдал Шамс во Голанската висорамнина окупирана од Израел, иако Хезболах ја отфрли одговорноста.

Претходно, израелската војска соопшти дека користела воздушни напади и артилериски оган за да нападне цели на Хезболах во седум области во јужен Либан, иако американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изрази загриженост дека судирите меѓу Израел и Хезболах може да прераснат во поширок регионален конфликт заедно со војната Израел-Хамас во Појасот Газа.

„Иако видовме голема активност на северната граница на Израел, остануваме загрижени за потенцијалот оваа ескалација во целосна борба“, им рече Остин на новинарите во вторникот за време на посетата на Филипините.

„Би сакале работите да се решаваат на дипломатски начин“, рече Остин.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вчера вети дека ќе изврши силен одговор на смртоносниот ракетен напад на Голанската висорамнина и го повтори израелското обвинување дека Хезболах е одговорен.

„Овие се наши деца, тие се деца на сите нас“, рече Нетанјаху за време на посетата на местото на нападот. „Државата Израел нема и не може да го превиди ова. Нашиот одговор ќе дојде и ќе биде тежок“.

Неговата посета не беше целосно прифатена, при што неколку стотици членови на семејствата на жртвите и членови на заедницата протестираа дека Нетанјаху ја искористува ситуацијата за политичка корист.

Израел и Хезболах меѓусебно се напаѓаат преку граница од почетокот на војната во Газа минатиот октомври. Хезболах рече дека дејствува во солидарност со Хамас, истата мотивација имаат милитантите Хути со седиште во Јемен, кои поминаа месеци нарушувајќи ја клучната бродска рута на Црвеното Море со напади врз бродови. Сите три групи се поддржани од Иран.

Џонатан Руе, директор за надворешна политика во Еврејскиот институт за национална безбедност на Америка, за Гласот на Америка изјави дека потенцијалот за ескалација меѓу Израел и Хезболах е најголем од почетокот на војната во Газа.

„Мислам дека двете страни се согласија на некои неискажани правила на игра, како што велат, во кои нападите ќе продолжат, но двете страни имплицитно препознаа некакви прагови што нема да ги нападнат на другата страна“, рече Руе.

Обединетите нации и други во последните денови работеа на обид да ги намалат тензиите.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека САД се „уверени“ во изгледите за избегнување на поширока војна.

Нимрод Горен, виш соработник за израелски прашања во Институтот за Блискиот Исток, за Гласот на Америка изјави дека претходните напори за деескалација на ситуацијата меѓу Израел и Хезболах се поврзани со напорите за постигнување прекин на огнот во Газа.

Но, разговорите за прекин на огнот се протегаа со месеци без да се постигне договор.

„Постои потреба од друг вид на ‘рампа’ меѓу Израел и Хезболах бидејќи сегашната ситуација, како што гледаме дека се случува, не може да трае подолго време“, рече Горен. „Цената на двете страни станува многу значајна“.

Војната во Газа започна со нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година врз јужен дел на Израел во кој милитантите убија 1 200 луѓе и зедоа околу 250 заложници.

Во воената кампања на Израел во Газа загинаа повеќе од 39 300 Палестинци, според Министерството за здравство во Газа, главно жени и деца. Израел вели дека убиле и илјадници борци на Хамас.

Дел од информациите за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс – прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG