Бајден ќе и` се обрати на нацијата, Камала Харис гради моментум за кандидат за претседател

  • VOA

Претседателот Џо Бајден во Делавер пред да се качи во авион да се врати во Вашингтон, 23 јули 2024 година

По откажувањето од претседателската трка, Џо Бајден ќе и` се обрати на нацијата вечерва во 8 часот локално време. Бајден планира да зборува за неговата одлука да се откаже од својата кандидатура за реизбор.

Потпретседателката Камала Харис ја прифати поддршката на Бајден за кандидат за претседател и гради моментум пред Демократската национална конвенција во Чикаго.

Утре, пак, Бајден се очекува да го пречека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа. Оттаму соопштија дека Бајден ќе „разговара за напредокот кон прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците“.

Нетанјаху денес ќе се обрати пред американскиот Конгрес, среде протести и незадоволство меѓу некои американски законодавци поради водењето на војната во Газа.

Потпретседателката Камала Харис ќе се состане одделно со Нетанјах.

Долгогодишниот израелски лидер ќе зборува на заедничка седница на Сенатот и Претставничкиот дом во два часот локално време, надминувајќи го британскиот воен лидер Винстон Черчил, кој имаше такви обраќања трипати.

Се очекува говорот на Нетанјаху да се фокусира на координирање на израелскиот и американскиот одговор на нестабилната ситуација на Блискиот Исток, каде што постои зголемена опасност војната во Газа да се прелее во поширок регионален конфликт.

Тој, исто така, се очекува да го искористи својот говор за да повика на посилна акција против Иран, кој ги поддржува борците на Хамас и либанскиот Хезболах.

Дел од информациите се од АП и Ројтерс