Барам НАТО да одговори зошто нема кривични постапки за криминалите на Лукашенко, вели Тихановскаја

Белоруската опозициска лидерка вели дека претседателот Александар Лукашенко и неговите послушници прават злосторства, а за нив нема казна, што создава чувство на неказнивост

На самитот на НАТО, Белорусија не е во фокусот, туку Украина, но ние разбираме како нашата судбина е поврзана, изјави белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја, за белоруската редакција на Радио Слободна Европа.

„Многу често во светот се случуваат внатрешните проблеми, но утре може да прераснат во проблеми за цел регион. Сега се обидувам да го свртам вниманието на државите на НАТО на распоредувањето нуклеарно оружје во Белорусија, на фактот дека сè уште има илјадници руски војници во Белорусија и, се разбира, на групата Вагнер“, рече таа.

Според неа, штом се размислува за нова безбедносна архитектура за регионот, белорускиот глас треба да се слушне.

„И треба да биди гласот на белоруските демократски сили, а не на режимот. На самитот на НАТО сакам да го искажам нашиот став за конкретни прашања - повторно, прашањето за нуклеарното оружје во Белорусија, но и прашањето за санкциите. Помина речиси една година откако нема какви било нови санкции кон Белорусија и каков било притисок врз режимот, кој ова го сфаќа како слабост на демократијата“.

Тихановскаја вели дека белорускиот претседател Александар Лукашенко и неговите послушници прават злосторства по злосторства, а нема казна, што создава чувство на неказнивост.

„Моја должност е да го кренам гласот овде и да им кажам на земјите-членки на НАТО: ги имате алатките и затоа треба да ги користите. Зошто не сте можеле да отворите ниту еден кривичен случај против [белорускиот] режим во минатото веќе три години - за смртта на политичките затвореници, зголемениот број политички затвореници, оние стотици илјади луѓе кои биле принудени да ја напуштат Белорусија, сите мачења и злосторства против Белорусите, принудното слетување на авионот, миграциската криза, соучесништвото во тековната војна [водена од Русија против Украина], украинските деца кои се донесени за Белорусија? Сите овие се криминални случаи, но вие не реагиравте на нив. Дајте ни ги алатките што можеме да ги користиме за да може да се покренат [кривични] постапки за овие случаи“, бара Тихановскаја.

На прашањето дали би поддржала идна кандидатура за членство во НАТО за Белорусија, таа рече:

„Треба отворено да се разговара што ќе ни донесе членството во НАТО. Многу луѓе во Белорусија имаат идеја дека НАТО е ужасно чудовиште што сака да не` нападне. Во такви услови, тешко е да се застапува спротивната позиција. Нема слободни медиуми. Секако дека и ние треба да работиме во оваа насока“.