Македонските иселеници во Америка нема каде да се информираат за дипломатските активности на државата во САД оти амбасадата во Вашингтон нема ажурирани веб-страница и социјални медиуми.
Тоа ги остава македонските граѓани без директен извор на услуги, настани, па дури и основни детали за амбасадорот.
Ако на интернет ја пребарате амбасадата на Северна Македонија излегува линк кој води до Министерството за надворешни работи (МНР), но таму нема релевантни достапни информации за амбасадата и за амбасадорот.
Има само улица на која се наоѓа амбасадата, телефон, факс и имејл адреса, како и објаснување за билатералните односи меѓу двете држави и информации за конзуларни услуги, но генерално, не само за Америка.
Вести за работата на амбасадата во САД нема.
Може да се прочитаат само стари информации за попис и избори во државата, како и соопштенија за средби од 2022 и 2023 година меѓу поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и поранешниот специјален претставник на Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар.
И официјалниот Фејсбук профил на амбасадата е застарен.
Таму уште стои божиќна честитка од 2018 година, средби на поранешниот амбасадор во Вашингтон Васко Наумовски и апели за помош за поплавени во 2016 година.

Фејсбук профил на амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон
Онлајн не може да се најде ниту актуелниот амбасадор Зоран Попов.
Иако тој активно организира настани во амбасадата и одговара на директни барања, нема профил на социјалните мрежи каде пошироката македонска заедница може да ја следи неговата работа.
„Сигурен сум дека македонската амбасада, амбасадорот и персоналот се активни во Вашингтон – но за обичен македонски граѓанин во САД или за пошироката надворешнополитичка заедница во градот, тоа не е јасно оти нема ништо на социјалните мрежи. Амбасадите на неколку други земји од регионот – дали е тоа Албанија или Словенија – се неверојатно активни. Нашата амбасада мора да го прави истото. Ова е сепак една од најмоќните престолнини во светот“, вели Македонец кој живее во Александрија, во близината на Вашингтон, но побара да не го објавуваме неговото име.
Освен Северна Македонија, од другите балкански држави само уште Црна Гора нема онлајн присуство во САД.
За споредба, амбасадите на сите соседи се активни на нивните веб-страници и на социјалните мрежи.
Фејсбук профил на амбасадата на Грција во САД
Грчката и бугарската амбасада, на пример, речиси дневно објавуваат настани на кои присуствувале амбасадорите, приеми кои ги организирале, средби со функцинери од Стејт департмент, конгресмени, сенатори, бизнисмени и други.
Често може да се видат и изложби и други иницијативи кои амбасадите ги организираат за нивните граѓани, но и за Американците, со цел да ги промовираат празниците, културата и историјата на нивните држави.
Кога Гласот на Америка на македонски јазик ја праша амбасадата во Вашингтон зошто нема веб-страница и социјални медиуми каде граѓаните може да се информираат, добивме автоматски одговор дека имејлот е преполн и оти не може да прима нови пораки.
Истото прашање го пративме до прес-службата на МНР, но до објавување на текстот не добивме одговор.
Владата најави дигитализација на институциите кога беше избрана минатата година, формирајќи дури и ново Министерство за дигитална трансформација.
Но, досега ниту Министерството нема веб-страница.
Министерот Стефан Андоновски, за Гласот на Америка на македонски јазик, на 7 декември 2024 година, рече дека е во тек тендерска постапка и оти очекува решение во 2025 година.
На прашањето дали процесот на дигитална трансформација ќе ги опфати и амбасадите и дипломатските претставништва на државата, Андоновски рече дека амбасадите имаат свој електронски систем, но оти е постар.
„Во прва фаза ние немаме план“, изјави Андоновски за Глас на Америка на македонски.
Други амбасади на државата во главни градови во Европа имаат социјални платформи каде објавуваат информации за тамошните амбасадори и активности.
Амбасадите во Обединетото Кралство, Шведска и Германија, на пример, редовнo ги ажурираат нивните платформи.