САД ја повторија поддршката за влез на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) на вчерашниот прием во македонската амбасада во Вашингтон, по повод 33 години независност на државата.
Брендон Јодер, заменик-помошник државен секретар на САД, го истакна пријателството меѓу двете држави како НАТО членки кои имаат „заедничка заложба за мирот и безбедноста“.
САД ве поддржуваат во процесот на интеграција во ЕУ, нагласи Јодер.
Амбасадорот Зоран Попов се заблагодари за американската поддршка, нагласувајќи го придонесот, меѓу другите, на поранешните амбасадори во Скопје Џес Бејли и Филип Рикер.
Попов рече дека „нема план Б“ за државата, освен интеграција во евроатлантските структури.
На приемот присуствуваа амбасадори, одбранбени аташеа, македонски иселеници и други.
Во честитката за Денот на независноста - 8 Септември, државниот секретар на САД Ентони Блинкен, кажа дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат државата на нејзиниот европски пат во годините што следат.
„Го цениме нашето силно партнерство со Северна Македонија фокусирано на градење на просперитетна демократија закотвена во евроатлантската заедница. Американскиот народ и народот на Северна Македонија споделуваат посветеност на демократските вредности. Со нетрпение очекуваме да ја продолжиме нашата заедничка работа за промовирање на тие вредности, зајакнување на безбедноста и стабилноста и продлабочување на економските врски во регионот. САД ќе продолжат да го поддржуваат нашиот сојузник, Северна Македонија на нејзиниот европски пат во годините што следат“, стои во соопштението од Стејт департментот.
Facebook Forum