Скопје сака што е можно побрзо да види крај на спорот меѓу Белград и Приштина и како соседна земја се залага за решение меѓу двете страни. Ова е позицијата на македонскиот државен врв за прашањето кое се уште е сериозен товар за регионот и за неговата стабилност. Ваквиот став е одговор на шефот на државата на прашање поставено на прес-конференцијата со косовската претседателка која е во посета на земјава.
Ги признаваме и двете држави, со нив имаме целосни дипломатски односи и немаме намера да заземаме страна.Пендаровски, претседател на Северна Македонија
„Северна Македонија не е, ниту некогаш била или пак, ќе биде страна во дијалогот меѓу Косово и Србија... Ги признаваме и двете држави, со нив имаме целосни дипломатски односи и немаме намера да заземаме страна“, порача Пендаровски.
„Ако некој сака да погледне во искуството и евентуално да научи нешто од искуството кое ние како држава го имаме, пред се мислам на Охридскиот рамковен договор кој беше постигнат во 2001 година, мислам дека нема да погреши. Не велам дека состојбите се идентични и дека може решенијата од Охридскиот рамковен договор да се пресликаат во некој иден договор меѓу Косово и Србија меѓутоа тука секако има модели на кохабитација внатре во државите и помеѓу државите кои можат да бидат евентуално искористени, но финалната одлука за тоа што ќе прифатат во тој дијалог е се разбира на легитимните органи на Приштина и Белград, ние сме само добри комшии кои би сакале да видат што е можно побрзо крај на овој долг спор.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Османи-Кадриу уверува дека нејзината земја конструктивно ќе учествува во процесот, но како што вели, не е сигурна во намерите на Србија и затоа бара интензивирање на европската дипломатија.
Се надевам дека нашите пријатели и сојузници ќе се погрижат да разговараат во овој период и да извршат притисок врз Србија за и таа да ги почитува обврските што ги има преземеноОсмани - Садриу, претседателка на Косово
„Какви ќе бидат дејствата на Србија, горе-долу, гледаме од нејзините неодамнешни изјави, но пред се од последните постапки, кои беа прекршување на договорот постигнат во Брисел и анексот во Охрид, какo на пример однесувањето во понеделникот во Советот на Европа и лобирањето против нас... Значи, ова покажува какво предвидување може да имаме за однесувањето на Србија, но навистина се надевам дека нашите пријатели и сојузници ќе се погрижат да разговараат во овој период и да извршат притисок врз Србија за и таа да ги почитува обврските што ги има преземено.“, изјави Вјоса Османи Садриу, претседателка на Косово.
Изјавата на косовската претседателка е само неколку дена пред новата рунда преговори закажани за идната недела во Брисел, која е продолжение на неодамнешните маратонски разговори во Охрид.
Најавите се дека главна точка ќе биде презентација на првиот нацрт-статус на Заедницата на српски општини, едно од клучните барања на Белград за продолжување на процесот. Брисел најави дека очекува „двете страни на преговорите да дојдат добро подготвени и целосно посветени на фазата на имплементација“.