Загадувањето на животната средина со неконтролирано одлагање на секаков вид смет, како и големиот број на диви депонии, кои при тоа се создаваат се едни од најголемите проблеми со кои денес се соочува Северна Македонија. Поради тоа бројни граѓански организации, еколошки активисти, преземаат акции за надминување на ваквата состојба. Има многу иновативни решенија, како оној на Центарот за одржлив развој на заедниците од Дебар. Тие со помош на Амбасадата на САД, набавиле дрон, со кој што ги детектираат сите локации низ општината, каде има отпад.
„Ние имаме проект кој се финансира од американската амбасада и се вика ‘Еко дрон патрола’. Ние со помош на дрон го мониторираме пошироко дебарскиот регион, каде има загадување. Тие загадувања ги пријавуваме во општината, јавното комунално претпријатие, исто и ги поставуваме на интернет на социјалните мрежи, Фејсбук, Инстаграм. Исто така го информираме и Министерството за животна средина, за местата, за видот на материјалот“, вели Шуип Марку од Центарот за одржлив развој на заедниците од Дебар.
Во еколошките акции кои ги организираат, вклучуваат ученици од основните и средни училишта. Целта е велат идентификување, алармирање, информирање на надлежните, мобилизирање на заедницата и подигнување на јавната свест.
Амбасадата на САД го подржува и „Патоказот за еко-паметна општина“, проект кој го спроведува Центарот за климатски промени од Скопје. Идејата е да се промовира одржливото живеење, создавање функционален систем за управување со отпад и интегрирање на сите сектори, кои допринесуваат за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени. Во истиот се вклучени општините Струмица и Аеродром.
„Во општина Струмица започнуваме со пилот проект за селекција на комунален отпад, отпад од пакување и пластика. Со помош на американската амбасада, обезбедивме одредено количество за селекција на овој вид на пластика и дополнително јавното комунално претпријатие од Струмица, ја препозна потребата од еден ваков проект и одлучи да кофинансира дополнителна бројка на канти за селекција на отпад и да го прошири пилот проектот и сега се опфатени 1200 домаќинства“, вели Бојана Станојевска, претседателка на Центарот за климатски промени.
Во општина Аеродром, пак, се работи на промоција на обновливи извори на енергија и одржлив транспорт.
„Со финансиска поддршка од американската амбасада ќе поставиме фото-волтаична централа за полнење на електрични тротинети“, вели Станојевска.
Во 2015- та година за воспоставување на систем за селекција на електричен и електронски отпад со американска помош, биле набавени контејнери за селекција за овој тип на отпад.
„Апсолутно дека е многу важна поддршката која доаѓа од американската амбасада, затоа што освен на ова ние се фокусираме и на едукација на најмладите. Ќе имаме бројни настани за едукација на учениците од неколку основни училишта“, додава Станојевска.
Сето ова има за цел има да ги промени навиките на граѓаните за депонирање на отпад, да ја подигне свеста за важноста од негова селекција и да ги зголеми приходите од продажба на отпадна пластика.
„Во текот на изминатите 24 години, Соединетите држави инвестираа околу 13 милиони долари во програми за директно зачувување, заштита и подобрување на екологијата и скапоцената природна средина на Северна Македонија, како и милиони повеќе во регионални иницијативи од кои корист имаше Северна Македонија“, велат од Амбасадата на САД.
Програмите се движат од активност на УСАИД за рециклирање која ги подобри стапките на рециклирање во 24 општини за 41 процент, до успешно спроведување на програми за едукација за животната средина во повеќе од 30 училишта низ целата земја. Од Амбасадата на САД и со порака.
„Несомнено е дека Северна Македонија треба да посвети големо внимание на животната средина, но сите ние го правиме тоа. Климатската криза е главен приоритет на Американската влада“, додаваат од Амбасадата.
Facebook Forum