Ковачевски: Им честитам на Вучиќ и Курти за храброста и визионерството

Dimitar Kovacevski, Dialogue Serbia Kosovo

Им честитам за храброста и визионерството. Со ваква честитка премиерот Димитар Ковачевски ја поздрави согласноста што српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ја постигнаа денеска во Охрид, а со која се одредува начинот на кој ќе се спроведува договорот за нормализација на односите меѓу двете страни.

„Сакам да им честитам на претседателот Вучиќ и премиерот Курти за храброста и визионерството, и да им посакам напредок и успех на сите граѓани на Србија и Косово на нивниот пат кон ЕУ“, рече Ковачевски.

Македонскиот премиер додаде дека согласноста за нормализација на односите ќе доведе до стабилност и напредок на целиот регион.

„Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес на зa целиот Западен Балкан кон ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој додаде и дека земјава останува пријател и со Србија и со Косово.

„Северна Македонија секогаш ќе биде пријател на сите земји од соседството и ќе продолжиме по патот на европските интеграции и на стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави“, рече Ковачевски.

Дијалогот меѓу Курти и Вучиќ во Охрид траеше маратонски 12 часа, со посредство на високиот претставник, на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел.