Турција бара продолжување на договорот за испорака на жито од Украина за 120 дена

Договорот, кој беше постигнат во јули минатата година, создаде заштитен поморски транзитен коридор за да се ублажи глобалниот недостиг на храна

Турција ќе продолжи со дискусиите да се продолжи договорот за испорака на жито од украинските пристаништа на Црното Море за 120 дена наместо 60 дена, изјави турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.

„Почнавме преговори во согласност со првичната верзија на договорот. Продолжувањето на договорот е важно. Ќе ги продолжиме нашите контакти во врска со неговото продолжување за 120 дена наместо два месеца“, рече Акар, според соопштението на Министерството за одбрана.

Страните во договорот ќе оценат и ќе одлучат за дополнително продолжување на договорот, рече тој.

Договорот постигнат во јули минатата година создаде заштитен поморски транзитен коридор и беше постигнат за да го ублажи глобалниот недостиг на храна со тоа што ќе дозволи извозот да продолжи од три пристаништа во Украина, главен производител на житарки и маслодајни семиња.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров разговараше со својот турски колега Мевлут Чавушоглу денес, а Москва рече дека смета на подготовка на целосен договор земајќи ја предвид загриженоста за сопствениот извоз.

Откако Русија и Украина ја потпишаа иницијативата за црноморско жито поддржана од ОН во Турција на 22 јули, милиони тони жито и други прехранбени производи беа извезени од украинските пристаништа, помагајќи да се намалат глобалните рекордно високи цени на храната.

Извор:АП