Станува збор за иницијатива, која ако ги помине собраниските филтри и добие поддршка од 150 000 граѓани, ќе резултира со референдумско изјаснување на прашањето „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022“.
Your browser doesn’t support HTML5
„Не очекуваме опструкции зашто иницијативата формално-правно е чиста како солза. Но, доколку спикерот Талат Џафери се осмели да глуми уставен судија ќе почнеме со целосна блокада на Собранието. Верувам дека ќе имаме координација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и тие да се придружат. Очекуваме како опозиција да бидеме сериозно сфатени зашто ова ги поминува сите граници на цивилизирано однесување, а тоа е отфрлање на иницијативи на кои сте потрошиле време, енергија, ресурси – едноставно противзаконски да ви бидат отфрлени“, изјави Димитар Апасиев, претседател на Левица.
Апасиев реферираше на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум која минатиот месец беше отфрлена од спикерот Џафери.
Лидерот на „Левица“ очекува нивната иницијатива да дојде до фаза на пленарна седница на која, како што вели, би се соочиле аргументите.
„Да, го запрете процесот во од е антиевропски и антидемократски чин, зошто да се плашиме да излеземе на референдум.“, изјави Димитар Апасиев, претседател на Левица.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега остануваат на позицијата дека прво ќе ја видат иницијативата на „Левица“, па ќе решаваат за можна поддршка. И владејачкото мнозинство ја чека иницијативата која ја смета за обид за блокада на евроинтеграциите.
„Она што го знам е дека во ова Собрание мнозинството гласаше и ние како СДСМ, гласаше за заштита на македонскиот јазик, идентитет и култура во процесот на преговори со ЕУ. Станува јасно дека се што прават Мицкоски и Апасаиев е да се препречи нашиот пат кон ЕУ, друга желба и интенција нема.“, истакна Ненад Кочиќ, СДСМ.
Иницијативата на „Левица“ прво мора да ги помине низ собраниските комисии, па ако парламентот донесе позитивна одлука, да се премине на собирање 150 000 потписи со кои би се отвориле вратите за одржување референдум на кој граѓаните би се изјасниле за прашањето „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022“.
Ако излезат најмалку половина од вкупно впишаните избирачи и мнозинството од нив се изјаснат „против“, тогаш тоа би значело дека референдумот на „Левица“ е успешен и најверојатно запирање на пристапниот процес кон ЕУ, кој е во тек.