Линкови за пристапност

Пендаровски бара ЕУ да ја покрие разликата во цената за набавка на струја од Бугарија


Претседателот бара да се стават во погон кризните фондови на ЕУ, како оние за пандемијата на ковид, преку кои би се надополнила разликата меѓу понудената и бараната цена
Претседателот бара да се стават во погон кризните фондови на ЕУ, како оние за пандемијата на ковид, преку кои би се надополнила разликата меѓу понудената и бараната цена

СОФИЈА - Бугарија има политичка волја да испорача струја за Северна Македонија во претстојниот кризен период, но проблем се европските легилативи кои не дозволуваат држава членка на ЕУ да ги продава вишоците струја во билатерални договори туку само на слободниот пазар.

Претседателот Стево Пендаровски, кој денеска беше во прва официјална посета на Софија, имаше билатерлани, а потоа и трилатерална средба со бугарскиот колега Румен Радев и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на кои единствена тема на разговор била енергетиката.

Цената по која Бугарија може да ги продава вишоците струја е далеку повисока од онаа која Македонија е подготвена да ја плати, а се движи во рангот од околу 200 евра, па затоа претседателот Пендаровски побарал на средбата да се најде начин и да се стават во погон кризните фондови на Унијата, како оние за пандемијата на ковид, преку кои би се надополнила разликата во понудената и бараната цена. Сепак, претседателот е без прецизна временска рамка кога би можело да пристигне одговор.

„Има некои механизми. Еден од тие е кој е применуван досега, особено во ковид кризата, е да се побара од т.н компензациони фондови на Европската Унија, да се обештети државата која би морала по берзански цени да ги набавува енергенсите. ЕУ има солидарни фондови преку кои им се помага на државите кои не се членки, нешто како со вакцините кога епидемијата беше во пикот, а вакцинацијата туку што започната. Моето прво и моето последно прашање до Фон дер Лајен беше дали може во некој разумен временски рок, ако работните групи најдат решение доколку апликацијата е во ред, во рамки на неколку недели да се одобрат средствата за компензација“, рече претседателот Пендаровски.

Пендаровски денеска заедно со претседателите на Азербејџан, Србија и Грција - Алијев, Вучиќ и Мицотакис, присуствуваше на церемонијата на старот на работата на интерконекторот за гас меѓу Грција и Бугарија, со што и официјално почна испораката на природен гас од Каспискиот басен - Азербејџан.

Во своето обраќање пред присутните на свечената церемонија која се одржа во Софија, Пендаровски истакна дека на Северна Македонија ѝ е потребна помош за што побрзо да пристапи кон мрежата и да може да обезбеди гас од Азербејџан со што ќе ја намали зависноста од Русија.

„За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Северна Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока. Нашите граѓани очекуваат помалку реторика и поконкретна поддршка. Во вакви околности, најдобриот начин за ублажување на негативните последици врз нашите економии е Европската Унија да го одобри нашето пристапување во нејзините механизми, фондови и инструменти за управување со кризи“, рече претседателот Пендаровски.

За Северна Македонија интерконекторот е од исклучителна важност, бидејќи може да се приклучи наредната година, по завршувањето на терминалот „Александрополи“ во Грција, а во меѓувреме, доколку има согласнот од Азербејџан , Бугарија да отстапи дел од испорачаниот гас, но само во случај на потреба.

За присутните на церемонијата ова е крупен чекор кон ослободување од зависноста од рускиот гас и уцените преку високи цени од официјална Москва.

Токму тоа го потенцираше и претседателката на ЕК.

„Почнува нова ера за Бугарија и за Југоисточна Европа. Бугарија претходно набавуваше 80 отсто од гасот од Русија. Тоа беше пред Русија да ѝ објави војна на Украина, и пред да ѝ објави економско енергетска војна на Европа. Овој цевковод претставува значителна придобивка за Бугарија и за европската енергетска безбедност, и е чекор поблиску кон ослободување од зависноста од рускиот гас“, рече фон дер Лајен.

Капацитетот на интерконекторот во моментов инесува 3 милиjарди кубни метри гас кој пристига од изворите во Каспискиот басен, а со завршување на терминалот Александрополи идната година, каде што Северна Македонија има 10 отсто и осигурани 500 милиони кубни метри гас, ќе се зголеми на пет милијарди кубни метри, што ќе влијае врз уште поголемо и побрзо ослободување од зависноста од гасот од Русија.

XS
SM
MD
LG