Путин објави делумна мобилизација на воените резерви; Белата куќа со осуда за референдумите во Луганск и Доњецк

Според Кремљ, Западот се обидува да ја ослаби и уништи Русија и дека земјата „ќе ги искористи сите средства за заштита“.

Рускиот претседател Владимир Путин објави делумна мобилизација на воените резерви на неговата земја како потег што следи по украинските придобивки во контраофанзивата во североисточна Украина.

Во телевизиско обраќање рече дека мобилизацијата е неопходна за да се заштити татковината и суверенитетот на Русија. Се очекува да бидат повикани 300.000 резервисти. Според Кремљ, Западот се обидува да ја ослаби и уништи Русија и дека земјата „ќе ги искористи сите средства за заштита“.

Во меѓувреме, сепаратистичките лидери на регионите Луганск и Доњецк во Донбас, контролирани од Москва, најавија дека планираат да одржат гласање почнувајќи од крајот на оваа недела за териториите да се декларираат како дел од Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли, како што рече, „обидите на Русија да организира нови лажни референдуми“.

Белата куќа со реакција веднаш ги отфрли плановите на Русија за референдумите, велејќи дека тие можеби се обид на Москва да регрутира војници во регионот по нејзините неодамнешни порази на борбениот фронт. Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на претседателот Џо Бајден, рече дека референдумите ги кршат принципите на суверенитет и територијален интегритет бидејќи овие земји се дел од Украина.

Тој рече дека Бајден во говорот во средата на Генералното собрание на Обединетите нации ќе упати „жестока осуда“ до Русија за нејзината војна против Украина.

Првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг, рече: „Лажните референдуми немаат легитимитет и не ја менуваат природата на руската агресивна војна против Украина“.

„Ова е дополнителна ескалација во војната на Путин. Меѓународната заедница мора да го осуди ова бесрамно кршење на меѓународното право и да ја засили поддршката за Украина“, изјави Столтенберг.