Трамп однел 700 страници класифицирани документи дома, објави Националниот архив на САД

Федералните истражители работат на тоа да откријат дали Трамп незаконски водел евиденција по завршувањето на неговиот претседателски мандат

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го напуштил Вашингтон на крајот на неговиот мандат со повеќе од 700 страници класифицирани документи, вклучително и некои кои содржат врвни тајни на владата, објави Националниот архив.

Откривањето дојде во писмо од 10 мај од вршителот на должност архиварка на САД Дебра Вол, до еден од адвокатите на Трамп, одбивајќи ги тврдењата на претставниците на Трамп дека на поранешниот претседател треба да му се дозволи да задржи некои од документите врз база на на извршна привилегија од неговото време во Белата куќа.

Во нејзиното писмо се вели дека има „над 100 документи со ознаки за класификација“ во 15 кутии со материјали што владата ги извади од Мар-а-Лаго во јануари оваа година, кога ФБИ и американските архивари собраа кутии со доверливи материјали од зимската резиденција на Трамп и приватниот клуб на брегот на Атлантикот.

Трамп и неговите помошници предале повеќе документи во јуни, а потоа агентите на ФБИ, постапувајќи со судски налог за претрес, земаа уште дваесетина кутии, вклучително и 11 кутии со доверливи досиеја на 8 август, за време на претресот на неговата канцеларија.

Адвокатите на Трамп неодамна побараа од федералниот суд привремено да го блокира ФБИ да ги прегледува документите добиени од неговиот имот во Флорида, додека не биде назначено специјално лице да го одвои материјалот опфатен со извршна привилегија.

Федералните истражители работат на тоа да откријат дали Трамп незаконски водел евиденција по завршувањето на неговиот претседателски мандат.

Трамп ја критикуваше постапката, а во неговата правна постапка пребарувањето на ФБИ на 8 август 2022 година го нарече како „шокантно агресивен потег“.

Одделот за правда на САД одговори дека федерален судија го овластил претресот откако ФБИ покажало веројатна причина дека е сторено кривично дело.