СЗО бара да се развијат вакцини кои ќе штитат од новите варијанти на коронавирус

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус додава дека треба да се развијат нови вакцини кои можат полесно да се доставуваат, како што се спрејови за нос или капки

Светската здравствена организација (СЗО) повика на поголеми инвестиции во развојот на нови вакцини кои ќе одговараат за варијантите на коронавирус кои брзо се развиваат.

Додека светското внимание е насочено кон појавата на мајмунски сипаници, шефот на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус предупредува дека пандемијата на ковид-19 е далеку од завршена.

Тој вели дека мора да се развијат нови алатки за да се спречи оваа смртоносна болест, додека мерките за јавно здравје за кои се знае дека функционираат мора да се одржат и зајакнат.

Тој вели дека еден од најефикасните начини да се спасат животи е прво да се вакцинираат ранливите групи, како здравствени работници, постарите луѓе и други ризични групи како имаат здравствени заболувања.

Тој забележува дека случаите на ковид-19 и смртните случаи се зголемуваат во последните пет недели.

Според последниот извештај на СЗО, бројот на потврдени глобални случаи изнесува скоро 566 милиони, вклучувајќи повеќе од 6,3 милиони смртни случаи.

Тедрос вели дека неколку земји, исто така, пријавуваат зголемени хоспитализации, по брзото ширење на омикрон и неговите подваријанти.

„Иако вакцините спасија безброј животи, тие не го намалија значително преносот. Значи, од витално значење е владите и приватниот сектор да продолжат да соработуваат и да инвестираат во развојот на нови вакцини кои спречуваат и инфекции и болести“.

Тедрос додава дека треба да се развијат вакцини кои можат полесно да се доставуваат, како што се спрејови за нос или капки.