Потпишување на билатералниот протокол треба да биде крајниот исход од денешниот состанок на заедничката македонска и бугарска меѓувладина комисија што се одржува во Софија. Со комисијата претседаваат министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.
Во составот на македонската делегација, Османи е во придружба на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Според очекувањата, на денешната средба треба да се поминат точките од билатералниот протокол, а чија цел е унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, како и проекција за идната заедничка соработка. Протоколот, воедно треба да претставува записник од состанокот на Заедничката меѓувладина комисија.
Во протоколот, според вчерашните објаснувања на кусиот брифинг на Османи со медиумите, се спомнуваат билатерални препораки за избегнување говор на омраза, избегнување територијални претензии, одредување заеднички одбележувања на историски личности и настани, измени во учебници по историја и географија.
Целосната и финална содржина од протоколот се очекува да биде објавена после денешниот состанок во Софија.
Следен чекор, треба да биде меѓувладината конференција во Брисел, што треба да се одржи во вторник, на 19 јули, со што би се означил и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Сепак, отворањето на поглавјата од преговорите е условено со уставна измена, односно со вметнување на бугарскиот народ во македонскиот устав. Рокот за тоа да се исполни е година и пол.