Владата го прифати францускиот предлог: Првата меѓувладина конференција со ЕУ на 19 јули во Брисел

Ковачевски: Во преговарачката рамка е јасно наведено дека Северна Македонија ги почнува преговорите на македонски јазик

Имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, историските прашања се надвор од истата, а ние сме веќе на чекор од првата меѓувладина седница која ќе го означи почетокот на преговорите, рече премиерот Ковачевски

Владата денеска го прифати францускиот предлог за почеток на преговори со Европската унија. Тоа денеска го соопшти премиерот Димитар Ковачевски, откако Собранието претходно усвои заклучоци со кои ѝ се даваат насоки на владата за водење на преговорите за членство во ЕУ.

„Ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, историските прашања се надвор од истата, а ние сме веќе на чекор од одржување на првата меѓувладина седница која ќе го означи почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија“, рече Ковачевски.

Обраќајќи им се на граѓаните, Ковачевски посочи дека идентитетските прашања нема да се предмет на преговори.

„Ве уверувам дека во целиот долгорочен процес, никој не смее и нема во кое било време и околности да преговара за македонските идентитетски прашања. Тоа не се работи за кои се преговара. За тоа имаме јасна убеденост, света и вечна обврска и времето многу бргу ќе покаже дека во тоа сме успеале“, рече Ковачевски.

Во преговарачката рамка е јасно наведено дека Северна Македонија ги почнува преговорите на македонски јазик
Димитар Ковачевски

Одговарајќи на новинарско прашање, за евентуалното повлекување од преговорите доколку некоја од земјите членки го оспори македонскиот идентитет и јазик, Ковачевски убеден дека такво нешто нема да се случи.

„Таква ситуација нема да има зашто во преговарачката рамка е јасно наведено дека Северна Македонија ги почнува преговорите на македонски јазик. На 19 во Брисел, јас изјава на отворање ќе ја читам на македонски јазик“, истакна Ковачевски.

Одлуката за прифаќање на францускиот предлог доаѓа откако денеска Собранието со 68 гласа „ЗА“ без ниту еден воздржан или против ги изгласа предлог заклучоците поднесени од пратеничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на француската предлог преговарачка рамка. Опозициските пратеници ја напуштија салата непосредно пред гласањето.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, набргу после собраниското гласање одржа прес-конференција на која соопшти дека пратениците од неговата партија нема да гласаат за отворање на Уставот и за вметнување на Бугарите во него. Мицкоси покажа и изјави заверени на нотар од сите членови на неговата пратеничка група, а со кои тие се обврзуваат дека нема да дозволат вметнување бугарски граѓани во уставот.

На гласањето му претходеше тридневна тензична расправа, со бројни меѓусебни навреди, но и со ситуации што беа на раб на физичка пресметка. Во исто време, пред законодавниот дом се одржуваа протести, кои, за разлика од протестните маршеви од минатата недела, без значително помалубројни.