„Во чест на вашите сограѓани од Ваташа – 12 деца кои се убиени да ви се плукнам и во договорот и во се...“, изјави Бране Петрушевски, ВМРО-ДМПНЕ.
„Овие луѓе кои го зборуваат ова се за лечење, и тоа во Демир Хисар...“, истакна Ненад Коциќ, СДСМ.
Денеска Собранието тргна од онаму каде вчера застана – дебата на емоции, чувства, лични навреди, омаловажувања и многу уништена хартија....
„Оваа информација, овој памфлет, јас Благица Ласовска од Свети Николе никогаш нема да ја поддржам... Ова е срам за Македонија.“, истакна Благица Ласовска, ВМРО-ДПМНЕ.
Атмосферата на политичка нетолеранција беше дополнета со свирежи и вувузели за време на настапите на пратениците од мнозинството.
Your browser doesn’t support HTML5
„Кукавици, ксенофоби и криминалци, можете да викате и да се заканувате колку сакате, ние ќе продолжиме по европскиот пат кон ЕУ при тоа, зачувувајќи го македонски јазик и сите особености на македонскиот етнички идентитет.“, изјави Санела Шкријељ.
Поради вревата во собраниската сала, клучната порака – дека ќе одат до крај со францускиот предлог, социјалдемократите ја пратија од прес-центарот.
„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ниту ги интересира ЕУ, ниту сакаат во ЕУ, тие сакаат да се вратат назад во времето на Груевски, да не затворат назад во минатото, да не заробат без иднина и без припадност на Европа. Со почетокот на преговорите, државата оди напред, нема враќање назад во режим и изолација...“, оцени Мартин Костовски од СДСМ.
Додека во собранието се водеше дебата, најчесто со несоодветен вокабулар, пред парламентот повторно беа собрани демонстранти...
„Само ќе повикам протестите да бидат мирни, правото на протест е врвно демократско право, но без насилства и затоа повикувам на свесност и одговорност во овој дел“, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Денеска и во Брисел се одговараа прашања поврзани со Северна Македонија – главно дообјаснување на вчерашниот настап на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кој таа јасно порача - „нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик“.
„Изјавата на претседателката значи тоа што значи, односно таа зборуваше за јазикот кој го користат граѓаните во Северна Македонија, кој го нарече македонски јазик.“, изјави Дана Спинант, портпаролка на Европската комисија.
Среде протести пред собранието и сала преполна со транспаренти, Фон дер Лајен, вчера прати уште една клучна порака – Европа поминува низ големи геополитички премрежија и со прифаќање на францускиот предлог Северна Македонија да ја зграби можноста за конечно отворање на пристапни преговори.