Премиерот Ковачевски во своето обраќање ги повика пратениците да го поддржат прифаќањето на францускиот предлог за стабилна сегашност и сигурна иднина. Седницата траеше реалтивно кратко но во тој период се разменија голем број на навреди, обвинувања, закани и пораки од типот „кој и зошто ќе оди во затвор“ а францускиот предлог нолку пати беше искинат на собраниската говорница
СКОПЈЕ - Тензично, со транспаренти, со исвиркувања и аплаузи во зависност од кој говори од собраниската говорница, со обвинувања и закани и сето тоа надополнето со продорен звук на десетина „вувузели“ мина првиот ден од собраниската расправа околу информацијата на Владата за францускиот предлог.
Од собраниската говорница во воведното обраќање премиерот Димитар Ковачевски ги објасни придобивките од прифаќањето на францускиот предлог цитирајќи ги стиховите на Петре М Андреевски, а за целото време на неговото обраќање опозициските пратеници користеа „вувузели“ од кои речиси и да не можеше да се чуе што говори премиерот.
„Со цврста убеденост, со чиста совест и полно срце, предлагам да го прифатиме предлогот и да продолжиме напред, со заштитено минато, со извесна и стабилна сегашност во конечно подобра иднина. Ова го правам, не затоа што морам, не затоа што е лесно, туку затоа што силно верувам во исправноста. Вреди да се избориме и да работиме за тоа, на тој начин. Е затоа ја барам вашата поддршка и поддршката на сите граѓани. Бидејќи државата е заедничка за сите и на сите. Сосема на крајот, дозволете да цитирам: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“-напиша Петре М. Андреевски“, кажа Ковачевски.
Тој објасни дека по првичното „НЕ“ успеале да издејствуваат подобар предлог во кој е заштитен македонскиот јазик.
„Продолживме да бараме решение кое ќе ги задоволи државните, но и националните интереси на македонскиот народ. На истите црвени линии, но и на истата обврска да започнеме преговори. Ние не прифаќаме и не водиме политика на „или или“. Ние водиме политика и за преговори за влез во ЕУ и за заштита на нашето достоинство, идентитет, јазик и историја. Добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди. Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата. На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и Претседателот на државата, кажав и кажавме ДА“, рече Ковачевски нагласувајќи дека македонскиот јазик е заштитен.
По говорот Ковачевски ја напушти собраниската сала, на што реагираа опозициските пратеници кои сканидраа дека е предавник.
На собраниската говорница неколу рареници од опозицијата го искинаа францускиот предлог во знак на револт од условите во него а со кои според нив се разнебитува и асимилира македонската нација, идентитет и држава.
„Кој ви даде мандат да задирате во најсветите нешта, во јазикот, во идентитетот и историјата? Зарем сте глуви, слепи и неми пред илјадниците кои секојдневно маршираат и громогласно велат НЕ за т.н. француски предлог, НЕ за ултиматум, НЕ за силување и НЕ за бришење на македонскиот народ. Па тој народ ве избра и тој народ ве плаќа за да нему му служите. Мандатот не ви го даде партијата, ниту лидерот, ниту овој нелигитимниот или можеби се лажам и ви го купи Заев од парите за бројчаникот. А, кога народот ќе каже НЕ, тоа значи ставање на точка на сите криенки, изотоперувања, толкувања, преговарања, договарања, лаги, измами, измислици, датуми, протоколи, предложенија и капитулација. Колеги не глумете државништво, лидерство и саможртва затоа што тоа не сте“, рече пратеничката Рашела Мизрахи.
Пратеникот Драган Ковачки пак оцени дека станува збор за предавство за кое е можна затворска казна.
„Доста си игравте со Македонија. Слушнете го гласот на народот, Зошто и го прават ова на државата и народот и државата кога знаат дека почеток за преговори нема да има. Дојдоа со агенда за живот и економија, а се занимаваат со продажба на најсветото. Совет за премиерот, прво народот те плаќа да го браниш неговите интереси а не да ги распродаваш, а второ ќе скапеш во затвор. Имате време да кажете не, на вас останува“, изјави Ковачки.
Препукувањата и меѓусебните обвинувања продолжија од собраниската говорница се до завршувањето, нешто по 18 часот.
Од СДСМ се огласија со оопштение во кое велат дека ВМРО - ДПМНЕ е исплашено од вистината, по обраќањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Нервозни се затоа што сите нивни лаги, измислици, шпекулации, се поразени, потопени. Ги видоа заклчоците, поддржани од пратениците од владејачкото мнозинство со кои јасна е целосна заштита на јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ. Ги слушнаа силните пораки од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Македонци, со чист македонски јазик во ЕУ, без додавки, модификации, квалификации. Ревидираниот предлог го потврдува македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, а билатералните прашања, не се услов ниту дел од преговорите. Македонската вистината е една и ниту едни лажни патриоти, со вувузели не можат да ја замолчат“, стои во партиското соопштение.
Пред почетокот на седницата се огласи и претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој информираше дека партиското раководство имало средба со претседателката на ЕК, и ги повторни неколку спорни точки од преговарачката рамка. Побара од експертите во државата да дефинираат според напишаното кога почнуваат преговорите.
“Во членот 11 од документот наречен ЕУ Цоммон Поситион или заеднички став на ЕУ јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите се додека повторувам се додека не биде променет Уставот, дали е тоа точно или не е точно оставам јавноста експертска и луѓето кои што се занимаваат со оваа проблематика да дадат одговор. Повторувам првата дилема и првиот став кој што ВМРО-ДПМНЕ го изнесе на таа средба е дали според документот ЕУ Цоммон Поситион односно европски став на ЕУ членот 11 ги започнуваме преговорите сега веднаш или пак кога ќе дојде до промена на Уставот. Бидејќи ние според овој документ читаме дека почетокот на преговорите ќе биде откако ќе биде променет Уставот или да бидам попрецизен мал дел од бугарскиот народ 750 семејства според последниот каков таков попис бидат дел од Преамбулата и нормативниот дел на македонскиот Устав”, изјави Мицскоски пред партиското седиште.
На пленарната седница за збор се пријавија 42 пратеници а денеска поминаа само етворица. Седницата продолжува утре во 11 часот а откако ќе се исцрпат сите пријавени пратеници ќе се прејде на гласање на кое ќе се одлучува дали ќе се усвојат или отфрлат заклучоците односно насоките за постапување во однос на францускиот предлог кои ќе и бидат испорачани на Владата .