Фокусот на вториот по ред Преспа форум за дијалог, ќе биде безбедноста во Европа и на Балканот во контекст на руската агресија врз Украина, вели поранешнаката новинарка на светскиот сервис на Би-Би-Си, Биљана Ѓеорѓиевска. Таа очекува од Охрид, да произлезат силни пораки, кои ќе се спротистават на отворените закани од Москва, кон сите земји, кои пројавија желба да се приклучат кон НАТО.
„И амбициите на некои од шестте земји од Западен Балкан да продолжат по тој пат. Гостите во Охрид се надевам дека ќе се заложат за поголема сплотеност и соработка со демократските сили, не само како одговор на овие закани од Кремљ, туку и поради надминување на последиците од финансиската, економската, енергетската криза“, изјави Биљана Ѓеорѓиевска, поранешна новинарка на Би-Би-Си.
Пораките, кои ќе бидат испратени, ќе бидат насочени кон побрза интеграција на регионот во ЕУ, вели аналитичарот, Џелал Незири.
„Но и зацврстување на мирот и стабилноста во Западен Балкан, преку интензивно вклучување на Вашингтон и Брисел во решавање на споровите, како што е тој помеѓу Скопје и Софија, Приштина и Белград и внатрешните поделби во БиХ“, вели Џелал Незири, аналитичар.
Присуството на високи гости од ЕУ и САД, говори дека овие држави и институции не сакаат да го остават Балканот на страна, самиот да се бори со последиците од војната.
Ѓеорѓиевска очекува од овој Преспа форум, да произлезат и тонови со критики, како што тоа било минатата година.
„Вашингтон го критикуваше Брисел за бавноста за остварување на своите ветувања кон Западен Балкан за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Очекувам критиките да бидат упатени доста сериозно и до Софија“, изјави Биљана Ѓеорѓиевска- поранешна новинарка на Би-Би-Си.
Во Охрид ќе бидат присутни актуелни и поранешни политичари од регионот, Европа и САД.