Русија ќе нема начин како да ја заобиколи веста за убиените руски војници кои нема да се враќаат дома, рече Брет Шафер од Алијанса за обезбедување демократија, на денешната онлајн дебата за справување со дезинформациите од Кремљ за војната во Украина, организирана од Германскиот марашалов фонд во Вашингтон.
„Кога реалноста од војната ќе почне да се чувствува дома, а за тоа ќе треба малку време, мислам дека луѓето ќе сфатат дека се излажани“, вели Шафер.
Според него, Русија ја изгубила информациската војна оти не успеала да го докаже изговорот за напад на Украина.
„Тие му кажуваа на светот, вклучително и на нивниот народ, дека помислата за војна со Украина е незамислива и оти тоа е нешто што е смислено во ходниците на Стејт департментот. Навистина е тешко да се вратите од тоа и да ја убедите сопствената јавност, на која сте ѝ кажувале дека нема да започнете војна, а потоа започнувате војна“, вели тој, нагласувајќи оти забележал дека изминатава недела Кремљ станал „сè поочаен со наративите што ги турка“.
Сепак, Шафер смета дека Украина, САД и Европа, треба да бидат многу внимателни при информирање на јавноста оти секоја грешка Кремљ би ја искористил за да ја поткопа вистината.
„Кремљ може да згреши 1.000 пати и може да се докаже дека се лажговци. Но, ако ние кажеме нешто ќе излезе дека е погрешно, тоа може да биде погубно за нас, бидејќи играта на Кремљ е да се обиде да ја поткопа идејата за објективна вистина“, смета тој.
Мартина Билдзукиевиц од Европска служба за надворешни работи, учесничка во дебатата, вели дека иако засега Украина победува во информациската војна, сепак постои голема пропаганда, вклучително и во ЕУ и во САД.
„Мислам дека треба да продолжиме да се обидуваме со сите алатки што ги имаме постојано да ги повторуваме истите работи што ги кажувавме со години, бидејќи никогаш не е доволно да зборуваме за факти и да ја кажуваме вистината. Чувствувам дека има уште многу да се направи во комуникацискиот простор“, рече таа, додавајќи дека „се` што проапгандната машина го кажува за Украина всушност го прави самата Русија“.
Таа смета дека треба да постојат и последици за оние што ги шират лажните вести.
„Не се работи за точно или погрешно. Не се работи за тоа дека некој има поцврст, а некој послаб аргумент. Навистина во прашање се медиуми и целата пропагндна машина на Кремљ, кои ја поддржуваат војната“, рече Билдзукиевиц.
Украина, пак, според овие и останатите учесници во дебатата, има развиено успешна стратегија за справување со лажните наративи од Русија, и има подготвено вонреден план во случај да намали пристапот до Интернетот и можноста за објавување информации.
Тие ги повикаа и граѓаните да се вклучат во борбата против дезинформациите, зборувајќи со роднини и пријатели во Русија кои, или немаат пристап до објективни информации, или ѝ веруваат на Русија под влијание на „пропагандата која трае со години“.
Рускиот интернет регулатор Роскомнадзор во петокот соопшти дека го блокирал пристапот до Фејсбук во земјата. Подоцна го ограничи пристапот до Твитер, според новинските агенции.
Роскомнадзор соопшти дека презел акција по „26 случаи на дискриминација на руски медиуми и информативни ресурси од страна на Фејсбук“.
Ргулаторот не издаде соопштение во кое ја објаснува својата акција против Твитер.
Претходно, рускиот Парламент донесе закон против ширење „лажни вести” за руската војска, со казни затвор од 15 години.