Линкови за пристапност

Падот на берзите е последица на војната во Украина


Војната во Украина ги затекна инвеститорите кои значително ги намалија тргувањата, барајќи само безбедни инвестиции и со тоа го предизвикаа падот на индексите. Кај повеќе берзи во регионот и светот овој пад е во двоцифрени бројки. Цените на енергенсите продолжуваат да растат, гасот утрово повторно ја проби бариерата од 3 илјади долари, нафтата е на рекордни 126 долари а струјата на слободниот пазар чинеше речиси 600 евра за мегават час

СКОПЈЕ - Светските берзи и денеска светат во црвена боја бидејќи индексните поени продолжуваат да паѓаат како последица на воениот судир во Украина. Кај некои од нив падот веќе се мери во двоцифрени бројки а не е заобиколена и Македонската берза која бележи пад од пет проценти.

Специфичното тргување на берзите оваа година се должи на очекуваните економски фактори како инфлацијата, каматните стапки и економскиот раст но секако најмногу на пандемијата и од пред две недела војната во Украина.

Падот се должи на фактот што инвеститорите беа затекнати од развојот на настаните и престанаа да тргуваат, префрлајќи се на безбедни и помалку вносни варијанти.

„Овој конфликт дефинитивно ги затекна инвеститорите. По повеќегодишниот раст на цените на светските берзи, оваа година, заклучно со вчера германскиот индекс „Дакс“ е речиси минус 20 проценти, „ДауЏонс“ исто така е со двоцифрен пад. Во регионов нашата берза е некаде миунс 5 проценти, другите берзи во регионот како што се Бугарија, Хрватска, Словенија се од минус 6 до минус 11 проценти. Ако имате економски фактор кој е најтешко предвилив тоа е војната и ја прави иднината неизвесна “, изјави Иван Штериев, директор на Македонска берза.

Колапс на берзите нема да има предвидува Штериев а тука се и заштитните механизми, автоматски стабилизатори, кај повеќето берзи односно запирање со тргување во оментот кога ќе се достигне зададениот лимит на пад или пораст на индексот во тој ден.

„На Македонска берза и во регионот, кај помалите берзи, е вообичаено постоење на т.н. статички ценовни лимити. Кај нас цените на ниво на ден не може да флуктуираат повеќе на нивно од плус минус десет проценти. Кај поголемите берзи такви ограничу7вања нема па затоа може да видите на вберзите во САД и Германија од петнаесет и повеќе проценти. Воведовме ново правило, што го има кај западните берзи – „автоматски стабилизатор“, на плус или минус седум времено се прекинува тргувањето со акции на половина час или еден час за да се оладат емоциите“, објаснува Штериев.

Иако никој не може да го предвиди натамошниот тек на настаните во Украина, Штериев смета дека има можност за инвеститорите да се репозиционираат и да продолжат со купување на акции од избрани сектори кои не се погодено од конфликтот или пак се на цена како што е информатичката безбедност.

Цените на енергенските продолжуваат да растат, гасот и струјата речиси неконтролирано.

САД и Европската Унија не ја исклучија можноста да се забрани увозот на руска нафта, опција која американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја соопшти вчера.

„Апсолутно е јасно дека отфрлањето на руската нафта ќе доведе до катастрофални последици за глобалниот пазар.Порастот на цените би бил непредвидлив. Тоа би било 300 долари за барел ако не и повеќе“, изјави Александар Новак, вицепремиер на Русија.

Цената на барел нафта на светските безри, кој е унифицирана, денеска се движеше меѓу 122 и 126 долари во зависност од часот на продажба што по вчерашниот ден кога достина и 140 долари за барел е највисока цена од 2008 година.

Гасот останува најскап енергенс откако Германија одлучи да го затвори „Северен Поток 2“. Утрово на берзите илјада нормални кубни метри гас чинеа 3.097 долари за ешто подоцна во текот на денот цената да почне да се намалува и да се спушти на 2.121 долар а во моментов чини 2.343 долари.

Цената на струјата денеска на европската берза го достигна апсолутниот максимум, па еден мегават час на слободен пазар се продаваше за рекордни 584 евра. По четири дена зголемување за утре е најавено дека цената ќе падне за 16 отсто и ќе изнесува 489 евра за мегават час.

А Македонија која е зависна од увоз на струја поради ограничените капацитети за производство продолжува дневно да плаќа милионски суми за увоз на струја која се купува на слободниот пазар. Според официјалните податоци на МЕПСО во понеделникот вкупната потрошувачка била 24,665 мегавати а производството покрило 17.430 мегавати. Разликата од 7.200 мегавати кои се увезени само тој ден државата ја чини 3 милиони и 350 илјади евра.

XS
SM
MD
LG