Експертите велат дека во светлината на актуелната криза, има смисла Бајден да посвети голем дел од надворешнополитички сегмент во обраќањето во Конгресот за ситуацијата во Украина, иако многу работи се неизвесни.
„Сега е моментот, кога мислам дека Бајден досега докажа многу од своето големо политичко искуство, но се зависи од тоа како ќе се одвиваат работите во Украина“, изјави за Гласот на Америка Брајан Катулис, потпретседател на Одделот за политички работи при Институтот за Блискиот Исток.
Друг експерт за Гласот на Америка изјави дека силниот позитивен, двопартиски одговор што го доби Бајден за неговите забелешки за Украина, ќе биде регистиран во Москва. „И во однос на надворешната политика, тоа е многу важен сигнал“, рече Мајкл Кимаж, професор по историја на Католичкиот универзитет во Америка и соработник во Германскиот Маршалов фонд.
„Путин ќе бара каква било поделба или ранливост во американската политика. Мислам дека сите во салата, не само Бајден, знаеја дека ова не е моментот да се испрати тој сигнал“, изајви Кимаж.
Претседателот Бајден повторно јасно стави до знаење дека САД нема да испраќаат војници во Украина, но вети дека тој и другите членки на Алијансата ќе ја бранат територијата на НАТО.
„За таа цел, мобилизиравме американски копнени сили, воздушни ескадрили, распоредување на бродови за да ги заштитиме земјите од НАТО, вклучувајќи ги Полска, Романија, Летонија, Литванија и Естонија“, рече Бајден.
„Како што кажав кристално јасно, САД и нашите сојузници ќе ја бранат секоја педа територија што е територија на НАТО со целосната сила на нашата колективна моќ. Секој сантиметар“, рече Бајден и наиде на громогласна поддршка од законодавците во Конгресот.