Северна Македонија: Осуда за постапките на Москва и поддршка на територијалниот интегритет на Украина

Демонстранти во Киев бараат пожестоки санкции од ЕУ врз Москва

Официјално Скопје реагира на последните чекори на Руската Федерација и признавањето на независноста на Доњецк и Луганск.

Државно-владиниот врв денеска прати неколку пораки со осуда за постапките на Москва и поддршка на територијалниот интегритет на Украина.

Изразувам цврста поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Пендаровски, претседател на Северна Македонија

„Поредокот базиран на меѓународното право е основа во меѓународните односи, чии принципи мора да се почитуваат. Грубото кршење на меѓународното право е закана за цивилизацијата. Изразувам цврста поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, порача шефот на државата Пендаровски.

На неговиот Твитер профил, премиерот Ковачевски напиша: „Ја осудувам одлуката на Русија за признавање на Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики“. Ваквиот чин е директен напад врз територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и кршење на договорите од Минск и одлуките на Советот на ООН од 2015. Заедно со НАТО сојузниците повикуваме на решавање на конфликтот по дипломатски пат.“

Реагираше и шефот на дипломатијата – „Силно го осудуваме руското признавање на украинските области Доњецк и Луганск како независни. Ваквите акти претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Северна Македонија уште еднаш ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, вели Бујар Османи.

За ситуацијата во Украина тој денеска разговарал со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит.

„Министерот Османи како член на триото претседавачи, потенцираше дека Северна Македонија активно ќе учествува во процесите за де-ескалација и изнаоѓање на дипломатско решение преку суштествен дијалог меѓу инволвираните страни. Тој изрази поддршка на Специјалната Мониторинг Мисија на ОБСЕ во Украина, и ја истакна подготвеноста од македонска страна за дополнителен ангажман во функција на намалување на тензиите“, се вели во соопштението на МНР.

По овие позиции на државно-владиниот врв, засега, единствената реакција од руската амбасада во земјава e само репостирање на официјалниот став на руското МНР за признавањето на независноста на Доњецк и Луганск.