Линкови за пристапност

Вашингтон најави санкции откако Путин ги призна отцепените региони на Украина


Белата куќа соопшти дека ќе воведе санкции за регионите Доњецк и Луганск во источна Украина, само неколку часа откако рускиот претседател Владимир Путин ги призна како независни држави.

Изјавата на Путин ги зголемува стравувањата на Западот дека Путин наскоро ќе ја нападне Украина.

„Очекувавме ваков потег од Русија и подготвени сме веднаш да одговориме“, изјави денес портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. „Претседателот Бајден наскоро ќе издаде извршна наредба со која ќе се забрани нови инвестиции, трговија и финансирање на лица во таканаречените Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск на Украина, исто така, ќе обезбеди овластување за воведување санкции за секое лице решено да дејствува во тие области на Украина“.

На Вашингтон веднаш му се придружи Европската унија во објавувањето на санкциите, а претседателката на Комисијата на ЕУ Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот Шарл Мишел го нарекоа признавањето на овие сепаратистички области од Путин „еклатантно кршење на меѓународното право“.

Псаки рече дека Белата куќа е подготвена да направи повеќе доколку Русите ја нападнат Украина.

„Ние, исто така, наскоро ќе објавиме дополнителни мерки поврзани со денешното очигледно кршење на меѓународните обврски на Русија“, рече таа. „Да бидеме јасни: овие мерки се одвоени и ќе бидат дополнение на брзите и строги економски мерки што ги подготвувавме во координација со сојузниците и партнерите доколку Русија дополнително ја нападне Украина“.

Кремљ соопшти дека Путин во понеделникот ги информирал лидерите на Франција и Германија за својата одлука, а потоа потпишал документи со кои регионите повеќе не се дел од Украина.

Путин, од бирото во Кремљ, одржа долго телевизиско обраќање до рускиот народ, во кое ја изложи својата верзија за историјата на националните граници во Европа и распадот на Советскиот Сојуз во 1990-тите.

Тој тврдеше дека Украина „никогаш“ не била вистинска нација, туку историски дел од Русија.

Додека Путин зборуваше, Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден се сретнал со неговиот тим за национална безбедност и дека редовно бил информиран за случувањата во Украина и во регионот.

Земјите на НАТО, вклучително и САД, велат дека се подготвени да преговараат за поставување ракети во Источна Европа и воена вежба во земјите најблиски до Русија, но одбија да го прифатат клучното барање на Путин да се исклучи членството во НАТО за Украина и другите поранешни советски држави.

Секогаш сме подготвени за дипломатија“, рече Псаки. „Ние сме, исто така, подготвени да наметнеме брзи и тешки последици доколку Русија наместо тоа избере војна.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот изјави за новинарите дека сè уште нема конкретни планови за средба Бајден-Путин, но дека таква средба „е можна доколку лидерите сметаат дека е изводлива“.

Некои материјали во овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG