Голем брод полека тоне кон дното на Црвеното Море, откако проектил на Хути го погоди минатиот месец. Тој е првиот потонат брод oд Хутите, но тие оштетија повеќе од десетина други, па дури и се качија на еден брод по средината на ноември.
„Овде сме среде вистинска безбедносна криза, која за многумина е економска и дипломатска криза во регионот, а Кина никаде ја нема“, посочува Тод Јанг, Републикански сенатор од Индијана.
Војските на САД и Велика Британија извршија повеќекратни напади врз цели на Хутите во Јемен за да ги уништат оружјето и радарите што се користат за гаѓање на комерцијални бродови, проблем што предизвика расправа во Сенатот.
„Ние сме таму со нашето знаме. Нашите мажи и жени се во опасност. Кина е нацијата за која претпоставувам дека е најмногу погодена од затворањето на трговијата во Црвеното Море, а сепак тие седат настрана преправајќи се дека се пријатели на сите“, рече сенаторот Мит Ромни.
„Гледаме одреден степен на искористување. Тоа е апсолутно неприфатливо. Кога зборуваме за меѓународен проблем на кој му треба меѓународно решение, треба Кинезите да бидат многу поагресивно ангажирани“, смета Тим Лендеркинг, Специјален претставник на САД во Јемен.
Бо оваа фаза тие ниту понудиле ниту спроведуваат какви било операции за да помогнат во заштитата на морнарите или меѓународниот превозПет Рајдер, портпарол на Пентагон
„Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон неодамна изјави за Гласот на Америка дека „во целина, Кина е подготвена да работи со сите страни за да ја заштити безбедноста на меѓународните бродски патеки“.
Кина, наводно, ја распоредила својата 46-та флота во Заливот на 21 февруари.
Но Гласот на Америка и другите не можеа да го потврдат пристигнувањето на флотата во регионот на Црвеното Море.
„Би поздравиле продуктивна улога од страна на Кина, но според моите сознанија, во оваа фаза тие ниту понудиле ниту спроведуваат какви било операции за да помогнат во заштитата на морнарите или меѓународниот превоз“, посочи Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.
Аналитичарите предупредуваат дека иако Кинезите се обиделе да помогнат во меѓународните проблеми во неколку случаи во изминатата деценија, нивната вклученост не била секогаш од „алтруистички причини“.
„Исто така, постои веродостојно објаснување дека тие би можеле да испраќаат бродови само за да соберат разузнавачки информации за перформансите на нашата технологија за пресретнување на ракети и беспилотни летала. Моето очекување е дека Кина ќе се обиде малку да помогне во општата кауза, но, ќе биде повеќе фокусирана на сопствените бродови и повеќе фокусирана да дознае што прават САД“, вели Мајкл О`Ханлон од институцијата Брукингс.
Пекинг има одредено влијание во регионот како најголем купувач на сурова нафта од Иран, но досега не покажа доволно влијание врз Иран за да ги спречи ракетните напади од Хутите поддржани од Иран.
Милитантите велат дека бродовите од Кина и Русија можат безбедно да минуваат низ Црвеното Море, но танкер што превезувал руска нафта бил погоден од ракета на Хути претходно оваа година.