Заменик-лидерот на Хезболах Наим Касем денес рече дека групата ги поддржува напорите за прекин на огнот во конфликтот долж границата меѓу Либан и Израел.
Во телевизиските изјави, Касем ги наведе обидите на претседателот на парламентот Набих Бери да обезбеди запирање на борбите, што ги вклучуваат најавите на Израел за нови копнени операции во југозападен Либан и продолжување на воздушните напади во Бејрут.
Израелската војска денес објави дека започнала копнени операции во југозападниот дел на Либан, означувајќи го проширувањето на нападот, за кој израелските власти велат дека има цел да ги потисне милитантите на Хезболах назад од границата.
Како и со своите првични копнени операции во Либан, кои започнаа на 30 септември, израелската војска ги опиша новите напори како „ограничени, локализирани, насочени операции“.
Копнената кампања ја придружува широката воздушна офанзива, која вклучуваше нови воздушни напади денес врз област во Бејрут.
Израелската војска соопшти дека во воздушен напад бил убиен висок командант на Хезболах, Сухаил Хусеини, кој бил вклучен во трансферот на оружје од Иран на милитантната група со седиште во Либан.
Нападот дојде 10 дена откако во израелски напад беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала во услови на брзо проширување на израелската воена кампања во Либан.
Касем денес рече дека групата останува организирана и ги надминала „болните удари“.
Хезболах соопшти дека денес истрелал ракети врз северниот израелски град Хаифа, додека Израел соопшти дека открил десетици лансирања кои преминале од Либан.
Конфликтот поттикна бројни влади да ги евакуираат своите граѓани од Либан.
Турција соопшти дека испраќа два брода на морнарицата во Бејрут за да евакуираат 2.000 свои граѓани почнувајќи од утре.
САД денес соопштија дека два лета олеснети од Стејт департментот евакуирале 180 луѓе од Бејрут до Истанбул.
Дописничката на Гласот на Америка од ОН Маргарет Бешир и репортерката на Гласот на Америка Наташа Мозговаја придонесоа за овој извештај. Некои информации се од Асошиетед прес, Франс- прес и Ројтерс