Линкови за пристапност

Министерот Венко Филипче поднесе оставка: Трагедијата во Тетово ме погоди


Оставки денеска си поднесоа и заменик-министерот за здравство Илир Хасани, како и директорот на Тетовската болница Флорин Бесими

Трагедијата во Тетово многу ме погоди. Нема зборови со кои загубата на човечки животи може да се надомести. Денеска од морални причини поднесов пишана оставка до премиерот Зоран Заев.

Ова денеска во обраќање до јавноста од просториите на Владата го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, со што потврди дека поднел оставка од својата позиција, а како морална одговорност за пожарот што на 8 септември се случи во модуларната ковид-болница во Тетово, каде животот го загубија 14 лица.


„Пред година и пол го регистриравме првиот ковид-случај во нашата земја. Од тој ден, до денес, секогаш пред граѓаните стоев отворено и транспарентно. Никогаш не бегав од критика, никогаш не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки беа со единствена цел – да се заштити здравјето на граѓаните“, истакна Филипче.


Следен на потег по оваа објава на министерот е премиерот Заев кој треба да одлучи дали ќе ја прифати понудената оставка на Филипче.

Нема зборови со кои загубата на човечки животи може да се надомести. Денеска од морални причини поднесов пишана оставка до премиерот Зоран Заев
Венко Филипче


Оставки денеска си поднесоа и заменик-министерот за здравство Илир Хасани, како и директорот на Тетовската болница Флорин Бесими.

На оставката на Филипче, со соопштение излезе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде бараат оставка и од премиерот Зоран Заев.

„Оставката на Венко Филипче не е доволна, потребно е оставка на Зоран Заев кој е централниот дел на пирамидата на нефункционирањето на системот. Само оставка на Заев ќе гарантира независна и објективна истрага“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата денеска соопшти дека германски тим експерти од криминалистичката полиција ќе се вклучи во истрагата за утврдување на причините за пожарот.


Како што соопштија денеска од Обвинителството, 14-те жртви, осум жени и шест мажи, во пожарот биле на возраст од 29 до 78 години. Дванаесет од починатите биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Другите две жртви биле надворешни лица кои воопшто не биле пациенти - едната била сопруга на хоспитализирано лице, а втората била ќерка на пациентка.

На Институтот за судска медицина со ДНК анализа идентификувани се телата на жртвите и тие веќе се предаваат на нивните семејства.

XS
SM
MD
LG