Германија праќа свој тим експерти од криминалистичката полиција кој треба да помогне во истрагата за утврдување на причините за страшниот пожар во тетовската модуларна болница. Станува збор за лица со експертиза во поддршка на истраги делот на форензика, ДНК анализи и идентификација. Овој тим, како што соопштуваат од владата, ќе соработува со МВР и ќе ја помага истрагата која ја води Јавното обвинителство.
Денеска од обвинителството информираа дека 14-те жртви, 8 жени и 6 мажи, во пожарот биле на возраст од 29 до 78 години. 12 од починатите биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Другите 2 жртви биле надворешни лица кои воопшто не биле пациенти - едната била сопруга на хоспитализирано лице, а втората била ќерка на пациентка. На Институтот за судска медицина со ДНК анализа идентификувани се телата на жртвите и тие веќе се предаваат на нивните семејства.
Обвинителството ги обезбедило видео-снимките од и околу болницата, околните деловни објекти, како и од лица кои се нашле на местото на пожарот. Снимките се дадени на вештачење. Се сослушуваат и сведоци, како и дел од медицинскиот персонал кој ноќта бил дежурен во болницата.
Во јавноста се погласни се барањата за темелна истрага за причините за пожарот. „Оваа огромна загуба оправдано ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите на системот и затоа е клучно истрагата да се одвива професионално и транспарентно. Само на тој начин, надлежните органи може да го минимизираат просторот за шпекулации во јавноста и последователните штети, кои во голема мера може да го загрозат справувањето со последиците од пандемијата“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
И опозицијата бара целосна истрага, но и одговорност.
„Не може да има кредибилна истрага со веродостоен извештај се додека политичката моќ е сконцентрирана кај истите тројца луѓе кои и се најодговорни за оваа децениска трагедија и скандал која им се случи на луѓето во Тетово. Венко Филипче, Зоран Заев и Артан Груби, како и директорот на тетовската болница, брат на министерот за финансии Фатмир Бесими, треба да ги напуштат функциите кои ги имаат, за да не ја злоупотребуваат својата политичка моќ во прикривање на вистинските причини кои предизвикаа страшна смрт на нашите луѓе и нашите сограѓани“, изјави Рашаела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
Откако обвинителството издаде наредба за одземање на целокупната документација за изградбата на тетовската модуларна болница, Министерството за здравство најави дека на располагање на истрагата ќе ја стави сета документација поврзана со сите 17 модуларни ковид центри.
Facebook Forum