Линкови за пристапност

Изгубени и шумите и егзистенцијата за луѓето во малешевијата


Уништување од невидени размери предизвикаа пожарите низ малешевијата. Покрај пеплосаните бели дробови, локалното население во малешевијата го изгуби и изворот за сопствена егзистенција. Бевме со нив во обиколка низ тоа што некогаш беше шума

Со итно гаснење трупец што повторно се разгорел ја почнавме обиколката над беровското село Будинарци. Тоа беше едно од најзагрозените во еднонеделната огнена стихија во малешевијата.

„Изгорени се неколку илјади хектари над селото Будинарци, во општина Берово. Пожарот зафати овде во атарот над селото, оди нагоре до селото Разловци и продолжува до општина Делчево. Сè е пеплосано нагоре“, ни објасни Стојан Рабаџиски, жител на селото, кој нè придружуваше низ пеплосаниот рид.

Изгубени и шумите и егзистенцијата за луѓето во малешевијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:33 0:00


Во пожарот изгубил седум и пол декари шума.

„Ова првпат се случува. Толку илјади хектари шума да изгорат, не паметам. Јас сум 45 години, паметам од пет од шест години, ова не било никогаш“, вели Стојан.

Луѓето живеат исклучиво од собирање габи, смрека, шумски плодови. Сега тоа веќе не ќе можат да го прават, зашто над селата овде сè е изгорено
Стојан Рабаџиски, село Будинарци


Малешевските шуми се егзистенција за луѓето од тој реон. Ја користеле за експлоатација на дрво, но и за берба на плодовите што ги дава природата.

„Луѓето од тоа живееја. Ова е планински регион, земјоделието е сведено скоро на нула. Малку луѓе чуваат крави и нешто овци. Луѓето живеат исклучиво од собирање габи, смрека, шумски плодови. Сега тоа веќе не ќе можат да го прават, зашто над селата овде сè е изгорено“, додава Стојан.

Иста судбина споделува и Ванчо Сивевски од Робово. Изгубил негова шума и веќе стравува за следни климатски удари.


„Ќе немаме вода. Ќе снемаме вода за пиење. Сите знаеме дека дрвјата ги привлекуваат облаците. Од облаците се создава дожд и врне. Сега ништо не може да привлече никаков облак. И така преку лето не врне дожд, а од сега натаму и не веруваме дека ќе заврне“, вели Сивевски.

е снемаме вода за пиење. Сите знаеме дека дрвјата ги привлекуваат облаците. Од облаците се создава дожд и врене. Сега ништо не може да привлече никаков облак
Ванчо Сивевски, село Робово


Кого и да прашавме низ малешевските села, веруваше дека доаѓаат катастрофални последици од пожарот.

„Климата ќе се смени. Штом е изгорена шумата, летата ќе бидат топли, зимите ќе бидат студени“, вели Атанас Цоковски од Робово.

„Дрвјата го создаваат кислородот. Ако немаме дрвја, немаме ни кислород“, додава Сивевски.

„Ако фати некој облак, некое лошо време, силен дожд и град, бидејќи сега нема што да штити, сè ќе однесе, селото ќе го однесе“, стравува Благој Митревски, поранешен шумар од Робово.

Тоа што го посакуваат е брз процес на пошумување.

„Потоа треба да се пошуми. Еве ги шумските стопанства сега. Треба да има доволен број на садници. Работниците од шумските стопанства, како и ние мештаните, доброволци, учениците ако треба, да им се плати, од гимназија, од основно училиште и да пошумуваат“, укажува Ванчо Сивевски од Робово.


Сепак, не секој се надева на соодветен одговор од надлежните.

„Ех, помош од државата. Нема да бараме, зашто нема да ни даде. Со текот на времето ќе видиме. Треба на лице место да дојдат шумски инженери, да утврдат, да попишат дека тоа сè е опожарено. Но, ќе помине време, можеби два-три месеца. Да дадат дозвола дека можеме да го исечеме и ќе мора да се продава. Да си избичам материјал за мене, за покривот и ако остане нешто, да се продаде“, смета Стојан Рабаџиски од Будинарци.

Пепелта и јагленосаните дрва создаваат морничави чувства. Птици не се слушаат, животни не претрчуваат. Сепак, жителите се надеваат дека животот во шумите бргу ќе се врати.

XS
SM
MD
LG