Аргументите на Бугарија се дека нејзините предлози за тоа што треба да содржи предлог-преговарачката рамка германското претседателство не ги ставило на разгледување. Шефицата на бугарската дипломатија, која денеска се сретна со специјалниот претставник на македонската влада, вели дека не може да има согласност се додека трае, како што ја нарече, антибугарска кампања во Северна Македонија.
„Да сакаш да станеш член на едно семејство значи да бидеш пријател со членовите на тоа семејство. Апсурдно е, ако сакаш да се зачлениш единствена задача да ти биде да дискредитираш друг член на тоа семејство. Целта на проширувањето е Унијата да ја направи посилна, а не послаба преку решавање на отворените прашања. Ве уверувам дека ние сме подготвени, целата влада, навистина да работиме, зашто Договорот е многу повеќе од само историјата, иако таа е еден од најважните аспекти на договорот, за да најдеме решение за таа насобрана недоверба и заедно и вистински да бидеме членови на тоа семејство.“, изјави Екатарина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија.
Бучковски, кој од денеска е во Софија, на серија средби со државниот врв, бара фокус на иднината, а не на минатото.
Заедничката историја не може да ја промениме ниту јас, ниту Захариева, но можеме да ја промениме ситуацијата во инфрастуктурата, соработката во науката, културата, соработка во правец на зближување на двата народа.Бучковски, специјален пратеник во Софија
„Се согласивме дека во периодот кој претстои време е многу повеќе да се фалиме со сработеното, со дела, отколку со празни зборови. Мојата задача ќе биде да го координирам исполнувањето на Договорот, но не во делот на истријата. Заедничката историја не може да ја промениме ниту јас, ниту Захариева, но можеме да ја промениме ситуацијата во инфрастуктурата, соработката во науката, културата, соработка во правец на зближување на двата народа.“, изјави Владо Бучковски, специјален претставник на Владата на Северна Македонија.
Бучковски се ограничи само на изјава, додека Захариева, откако тој замина продолжи да дава одговори со веќе познатите тези.
Тврдењата дека Бугарија го оспорува идентитетот не само што е манипулација, туку е целосно неточно. Државите не признаваат националности, или народи или јазици. Тие признаваат држави.Захариева, шефица на дипломатијата на Бугарија
„Тврдењата дека Бугарија го оспорува идентитетот не само што е манипулација, туку е целосно неточно. Државите не признаваат националности, или народи или јазици. Тие признаваат држави. Од друга страна, како што ние ја признаваме реалноста, нашиот проблем е што тие ја градат националноста на анти-бугарска основа.“, изјави Захариева.
Премиерот Заев, во своето обраќање за ситуацијата по вчерашниот министерски состанок, потегот на Бугарија го нарече вето, геостратешка грешка и навреда за народот.
Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати. Ние одбивме да преговараме за работи за кои не смее ни да се разговара!Зоран Заев, премиер на Северна Македонија
„Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати. Ние одбивме да преговараме за работи за кои не смее ни да се разговара! Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија, изјави премиерот Зоран Заев.
Алтернатива, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е Заев и владата да паднат. „Доста беше загуби и тргување со идентитетот“, изјави Мицкоски.
Премиерот одговори дека и покрај неуспехот поради бугарското вето нема да дозволи „ни нов, ни стар груевизам како оној после ветото од Букурешт во 2008 година“.
Facebook Forum