Линкови за пристапност

Останаа четворица


Останаа четворица
Останаа четворица

Републиканските претенденти за претседателските избори на ТВ-дебата во Јужна Каролина.

Бројот на републикански кандидати за претседателските избори се намали на четири, но тоа не ја намали жестината на дебатата што пред ТВ-камери ја водеа синоќа во Јужна Каролина, пред утрешните прелиминарни избори во оваа сојузна држава.

Поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич, тексашкиот конгресмен Рон Пол, поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни и поранешниот сенатор од Пенсилванија Рик Санторум спореа околу работните места, здравствената заштита и што е најпотребното нешто за да се биде вистински водач.

Гингрич налутено реагираше кога на почетокот на дебатата беше запрашан за наводите на поранешната сопруга дека во 1999-та побарал „отворен вид на брак“, за наводно да ја оправда вонбрачната врска. Тој кусо коментираше дека наводот е погрешен и ги нападна, како што кажа, елитните медиуми дека шират деструктивни, злобни и негативни информации.

Ромни, пак, се бранеше од обвинувањата дека отпуштал работници кога бил на чело инвестициона фирма која ги купила нивните компании. Напротив, тој тврди дека им помогнал на компаниите да отворат нови работни места и рече дека нема да се извини затоа што бил успешен бизнисмен.

Санторум и Ромни го критикуваа Пол за планот да ги намали армиските трошоци.

Сите кандидати проговорија против планот за здравствена заштита на претседателот Барак Обама и побараа поостри мерки против илегалната имиграција.

Само неколку часа пред ТВ-дебата, тексашкиот гувернер Рик Пери се откажа од трката по слабите резултати на прелиминарните избори во Ајова и Њу Хемпшир. Тој го поддржа Гингрич како републикански кандидат за претседателските избори.

Според анкетите, најголема шанса за победа на изборите во Јужна Каролина има Мит Ромни, но расте и поддршката за Њут Гингрич.

XS
SM
MD
LG